Денес попладне во Специјалното јавно обвинителство снема струја додека траел распит на странки. Лица кои биле повикани во обвинителството сведочат дека прекинот на струја се случил без најава, во целиот објект каде се сместени обвинителите.
Од СЈО потврдија дека извесно време снемало струја.
Од ЕВН Македонија потврдуваат дека имало проблем со електричната енергија во објектот на СЈО. Дефектот на инсталацијата се случил најверојатно поради преоптовареност на системот и дека проблемот бил надминат.
Специјалното јавно обвинителство утре, со почеток во 12:00 часот, ќе одржи прес-конференција.
Утринава, специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која беше во Кривичниот суд за судењето за насилствата и нарачаните шамари во Центар, кажа дека до крајот на неделава СЈО ќе објави за кои предмети ќе бидат поднесени обвиненија. Неофицијално, дознаваме дека ќе бидат поднесени обвиненија за 16 од досега отворените случаи.