Првиот Ден на италијанскиот спорт во светот се одбележа денеска и во Градски парк во Скопје, а акцентот беше ставен на фудбалот, еден од најпопуларните спортови во оваа земја.
Се играше фудбал, се претставуваа најуспешните италијански фудбалски клубови, а италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри делеше подароци.
Денот на италијанскиот спорт во светот е нов настан што го промовира Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во соработка со италијанското Министерство за спорт и италијанскиот Национален олимписки комитет. Настанот во Скопје го организираше Амбасадата на Италија.
По тој повод беше претставено новоформираното здружение на македонски фан клубови на италијанските фудбалски екипи „Навивачи Калчо Триколоре“, при што беа изложени дресови, знамиња, шалови и други навивачки реквизити на Јувентус, Интер, Милан, Лацио, Наполи и Рома.