ВО СУДСКИОТ СОВЕТ СО ПЛАТИ ОД 2.300 ДО 2.600 ЕВРА НЕ СЕ САМОРАСПУШТААТ НИ КОГА 72 ОТСТО ОД СУДИИТЕ ИМ КАЖУВААТ ДЕКА РАБОТАТ ЗА ПОЛИТИКАТА И НЕ ИМ ВЕРУВААТ

    ВО СУДСКИОТ СОВЕТ СО ПЛАТИ ОД 2.300 ДО 2.600 ЕВРА НЕ СЕ САМОРАСПУШТААТ НИ КОГА 72 ОТСТО ОД СУДИИТЕ ИМ КАЖУВААТ ДЕКА РАБОТАТ ЗА ПОЛИТИКАТА И НЕ ИМ ВЕРУВААТПретседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев и неговиот заменик Селим Адеми. (Фото: К. Попов)

    Притисоците да се распушти целиот Судски совет по оставките на двајцата членови во врска со незаконското разрешување на поранешната претседателка Весна Дамева на крајот на април, добија нов погон по катастрофалните резултати од анонимната анкета меѓу судиите што ја спроведе ОБСЕ. Во анкетата, објавена неделава, судиите одвнатре и изворно кажуваат дека ова тело работи за лични и за партиски, а не за нивна заштита и независност, што му е основна функција.

    Поразително е дека 32 отсто од судиите кои го одговориле прашалникот, почувствувале или се нашле под притисок на членовите на Судскиот совет.

    Дури 72 отсто од судиите не веруваат дека Судскиот совет ја штити независноста на судството, што е првенствена одговорност на ова тело кое е највисока судска власт во државата.

    Платата на членовите на Судскиот совет, без пресметани додатоци и патни трошоци, е над 140.000 денари (2.300 евра), а на претседателот (без додатоците и патни трошоци) е 160.000 денари (2.600 евра).

    Во посебна глава „Ставови кон Судскиот совет“, се сумирани резултатите од анкетата на ОБСЕ каде судиите не кажуваат ништо добро за ова тело, кое според домашното право, е одговорно за заштита на судската независност и интегритет.

    „Високиот процент на судиите кои изразија незадоволство треба да служи како аларм за будење за Судскиот совет“, се вели во препораките на ОБСЕ. (Извадок од анкетата за проценка на ризиците од корупција во судството)

    ОБСЕ потсетува дека: „Првенствена задача на Советот е да ги одбере најкомпетентните правни професионалци кои заслужуваат највисока доверба, за да служат како чувари на владеењето на правото и правдата. Дополнително, Судскиот совет го оценува работењето на судиите, го потпомага нивниот професионален развој и ја определува отчетноста кога тие ги кршат темелните принципи на нивната професија“.

    Но, податоците од анкетата покажуваат дека судиите имаат значителен скептицизам во поглед на способноста на Советот да ја исполни својата улога како бранител на судската независност. Дури 72 отсто од анкетираните судии не се согласуваат со тврдењето дека Судскиот совет делотворно ја штити независноста на судството, наспроти само 26 отсто кои се согласуваат.

    „Високиот процент на судиите кои изразија незадоволство треба да служи како аларм за будење за Судскиот совет, зашто е јасно дека Советот не исполнува една од своите првенствени одговорности“, предупредува ОБСЕ во извештајот од темелната анкета во која зборуваат судиите.

    Судскиот совет веќе не може никого да го увери дека е независен. Истражувањето утврди дека значителен дел од судиите (62 отсто) не го смета Судскиот совет како орган кој во пракса е независен во своето работење. Колективното однесување на Советот не ги отсликува овие вредности во очите на правосудството. Како резултат на ова, само 32 отсто од судиите веруваат дека составот и начинот на избор на членовите на Судскиот совет ја обезбедува неговата независност и непристрасност, додека 67 отсто од судиите имаат спротивно гледиште.

    „Интервјуата со судиите кои беа дел од Проценката за ризици од корупција во судството, открија дека преовладува чувство на скептичност и недоверба, при што речиси сите испитаници изразија загриженост за потенцијалното политичко влијание врз работењето на Судскиот совет. Ова влијание може да резултира со унапредување на политички лојални судии, пред оние кои тоа повеќе го заслужуваат врз основа на своите професионални квалификации и постигнувања“, стои предупредување во Извештајот од анкетата на ОБСЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира