Сите 4 малолетници, кои вчера беа најдени во стан во Скопје во бесознание и со повреди по телото, денеска се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни витални параметри, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Клинката за токсикологија, д-р Андон Чибишев.
Вчера на Токсикологија беа донесени 4 малолетни деца во исклучително тешка општа здравствена состојба. Се работи за малолетници на возраст од 14 до 17 години, две машки и две женски. Според Министерството за внатрешни работи, вчера полициски службеници од СВР Скопје по пријава за нарушен јавен ред и мир утврдиле дека во куќата на 40-годишниот Д. Г. имало четири деца од кои две биле во бессознание под дејство на алкохол и психотропни супстанци.
Д-р Чибишев вели дека кај сите е докажано присуство на психоактивни супстанции и не е докажано присуство на алкохол.
„Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надзор на Клиниката за токсикологија“, ни рече д-р Чибишев.
Б. НЕСТОРОСКА