Сѐ уште е незадоволителен опфатот со МРП вакцината. Опфатот со оваа вакцина во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар е под 60 – 70 отсто, што доведува во висок ризик од појава на епидемија со морбили, рече денеска националната координаторка за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Скопје.
„Ниеден родител не треба да се соочи со болест како што се пертусис и морбили, болести што на оваа територија кај нас ги имавме последните неколку години, токму поради намалување на опфатот за овие две вакцини“, рече проф. д-р Грозданова.
„Од друга страна, сѐ уште се бориме со зголемување на опфатот со МРП вакцината. На овие простори имавме и епидемија од морбили. Еден јавен апел до родителите – ова е безбедна, квалитетна вакцина што секаде и во западноевропските земји и секаде во светот се користи и навистина е безбедна и заштитува“, кажа професорката.
Таа апелираше родители да се советуваат со здравствени работници, педијатри, фамилијарни доктори, во однос на заштитата што оваа вакцина ја обезбедува.
„Имаме неколку скопски општини, најурбаните – Центар, Карпош и Аеродром, каде опфатот со оваа вакцина навистина ни е многу низок, под 60 – 70 отсто, тоа што е важно да се знае и тоа нѐ доведува во висок ризик од појава на повторно епидемија со морбили. Имаме општини во внатрешноста, па и некои скопски, каде што имаме и над 90 проценти со истата вакцина. Што значи дека родителите генерално имаат доверба во вакцинацијата, во системот, но, најверојатно, влијанието на социјалните мрежи, на неточните информации, дезинформациите, доведуваат до тоа голем дел од родителите да бидат во заблуда“, кажа националната координаторка.
Според претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, земјава е сѐ уште далеку од колективен имунитет, со национална покриеност со МРП вакцина од само 72,7 отсто во 2024 година што претставува пад во споредба со 73,4 проценти во 2023 година.
Грозданова вели дека има голем интерес за деветвалентната ХПВ вакцина и кај момчињата, новина што воведена во 2024.
Милер, вели дека уште една причина за загриженост е ниската покриеност со ХПВ вакцинација. Само половина од 14-годишните девојчиња во Македонија биле целосно вакцинирани.
„Всушност и девојчињата и момчињата треба да се вакцинираат, бидејќи постојат силни научни докази дека ХПВ вакцината може да спречи до 90 отсто од случаите на рак на грлото на матката. 50 проценти покриеност едноставно не е доволно. Оваа вакцина е безбедна. Таа е ефективна. И може да спаси уште повеќе животи не само со заштита на вакцинираните, туку и со создавање колективен имунитет што ги штити и другите“, кажа Милер.
Б. НЕСТОРОСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА НА НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ: