Во секое училиште да има детски правобранител кој ќе ги заштитува децата од сајбер насилство и говор на омраза на интернет. Ова е еден од идеите кои деца и адолесценти ги презентираа во рамките на кампањата на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија за создавање побезбеден интернет простор без омраза.
Беа презентирани идеи за креирање младинска дигитална серија со дебати во подкаст-формат за онлајн омразата, модули родител–дете за поттикнување отворени разговори за сајбер-насилството. Дополнително, беа претставени две идеи за онлајн платформи управувани од млади, кои ќе нудат практични совети и врсничка поддршка за деца што се соочуваат со онлајн притисок и предизвици поврзани со менталното здравје.
Младите учесници го претставија и новиот Прирачник за превенција од сајбер-насилство и говор на омраза, ко-креиран и тестиран заедно со деца и експерти. Наменет за наставници, психолози, социјални работници и младински работници, прирачникот содржи 19 интерактивни активности кои промовираат дигитална безбедност, емпатија, одговорно онлајн однесување и свесност за влијанието што онлајн постапките го имаат врз другите.
Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком и претседател на Фондацијата Телеком за Македонија, истакна колку е важно да се поддржат младите за самите да ја предводат позитивната промена
„Кога го започнавме ова партнерство со УНИЦЕФ, знаевме дека онлајн омразата е една од најголемите закани за еднакво дигитално општество и дека мора да се спротивставиме. Свесни сме дека овој негативен феномен особено ги погодува децата и младите, и затоа треба да им дадеме глас, алатки и моќ да создадат побезбеден и похуман онлајн свет. Додека тие ја предводат оваа борба, сите ние имаме одговорност да ги заштитиме“, рече Марковиќ.
Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ ги повика сите партнери – телекомуникациската индустрија, регулаторите, родителите, наставниците и Владата да ги исполнат своите обврски и да осигураат дека децата се заштитени и безбедни онлајн.
Претставените иницијативи и прирачникот се дел од движењето #НетБезХејт, предводено од деца и адолесценти кои се залагаат за дигитален свет во кој секој се чувствува безбедно, почитувано и слушнато. Поддржани од партнерството меѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, тие ко-креираат решенија, го зајакнуваат врсничкото застапување и ги претвораат сопствените искуства во конкретни активности низ целата земја. Во текот на годината, младите застапници ќе ги спроведуваат своите иницијативи и ќе ги претставуваат низ државата за да вклучат што повеќе деца.



