ВО ВЛАДАТА КОНСТИТУИРАНО СОВЕТОДАВНО ТЕЛО КОЕ ЌЕ ДАВА МИСЛЕЊА ЗА УПОТРЕБА НА ИМИЊА НА ИСТОРИСКИ И ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ

    ВО ВЛАДАТА КОНСТИТУИРАНО СОВЕТОДАВНО ТЕЛО КОЕ ЌЕ ДАВА МИСЛЕЊА ЗА УПОТРЕБА НА ИМИЊА НА ИСТОРИСКИ И ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИБугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ беше отворен во Битола на 17 април во присуство на тогашниот бугарски премиер Кирил Петков. (Фото: СДК.МК)

    Денеска во Владата се одржа првата конститутивна седница на советодавното тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице, соопштија од Владата.

    Ова тело треба да има советодавна улога преку мислења за карактерот на историските личности и начинот на кој ќе се формираат здруженијата, со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи.

    Ова советодавно тело е формирано откако во Битола беше отворен бугарски културен центар „Ванчо Михајлов“, а неделава во Охрид треба да се отвори уште еден бугарски културен центар овојпат со името Борис Трети, бугарскиот цар од времето на Втората светска војна.

    За претседавач на советодавното тело, членовите на денешната седница едногласно го избраа Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, а за заменик-претседавач Билјана Мицковска од Министерството за економија.

    Советодавното тело има седум постојани членови кои се номинирани од самите институции, а двајца дополнително ќе се именуваат од граѓанските организации и други институции, зависно од личноста за која ќе се дискутира.

    Постојани членови за телото се: Билјана Ристовска-Јосифовска, редовен професор на Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Бобан Петровски, редовен професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје-за прашања од антички период и среден век/д-р Никола Минов, вонреден професор на Институтот за историја на Филозофски факултет во Скопје-за прашања од нов и најнов век, академик Драги Ѓоргиев, редовен член на МАНУ, Антонио Павлоски, посебен советник во Министерство за култура, Билјана Мицковска, раководител на Сектор за правни работи при Министерството за економија, Сафет Незири, државен советник за образовни политики во Министерството за образование и наука и Ана Трајчева-регистратор во Централниот регистар на Република Македонија.

    Советодавното тело за својата работа до Владата ќе треба да достави годишен извештај, најдоцна до првата половина на март во тековната година за претходната година, заради нејзино информирање, стои во соопштението од Владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира