Во земјава има над пола милион возила од кои само 3 проценти не загадуваат. Сè додека не се намали бројот на возила и увозот на стари коли од странство нема да се реши проблемот со загадувањето, посочија експерти, професори и студенти на дебатата „Европски зелен договор: обезбедување ефикасен, безбеден и еколошки транспорт“ која се одржа во резиденцијата на Европската унија во Скопје.
Според учесниците, во земјава треба да се покрене свеста за нашата околина, повеќе да се користи велосипедот како превозно средство, да се подобри патната инфраструктура, како и јавниот транспорт за да се намали загадувањето, но и да се воведат поригорозни правила за увоз на стари возила.
„Во земјава годишно се увезуваат во просек по 40.000 возила. Во 2021 година сме имале околу 500.600 возила, од кои 55 проценти се дизел, 43 проценти се бензин, а само 3 проценти користат алтернативно гориво. Поразителна е староста на возилата. Кај нас просечна старост на патничките возила е над 19,5 години, а за транспортните возила е нешто над 18,8 години“, вели Пеце Андоновски од Министерството за економија.
На дебатата Општина Велес беше издвоена како позитивен пример за преземање вистинска мерки за намалување на сообраќајниот хаос и на големото загадување, благодарение и на вклучувањето на Општината во европски проекти. Јадранка Стефкова, советничка за планирање на економскиот развој во Општина Велес, објасни дека тие прво се фокусирани на пешачка и велосипедска инфраструктура со цел да се олесни сообраќајот во централното градско подрачје и да се подобри јавниот превоз.
„Во Велес се возат многу возила, така што загадувањето е енормно. Решивме да ги следиме препораките на Европската Унија и станавме дел од европска мрежа во која има градови од цела Југоисточна Европа, како и европски земји, и можеме да видиме како тие приоѓаат кон решавање слични проблеми на нашите. Одлучивме да почнеме да работиме стратешки и направивме прв план за сообраќајна мобилност. Планот го направивме врз основа на анкета извршена врз 4.500 граѓани, што е 10 отсто од населението. Најлошиот резултат беше фактот дека 53 проценти од населението користат автомобил и тоа за растојание што се поминува со велосипед, а само 1 процент користат велосипед“, вели Стефкова и додава дека општините немаат пари, ама не треба да седат со скрстени раце, туку треба да ги користат европските фондови што се на располагање.
Професорите и експертите сметаат дека електричните возила се иднината во нашата земја и можно решение на намалувањето на загадувањето. Но, во моментов немаме добра инфраструктура за овие возила, кои се многу скапи за македонскиот животен стандард.
Деканот на Машинскиот факултет Дарко Данев смета дека ние сè уште не сме дораснати да зборуваме за електричните возила, кои, според него, се „класична демагогија“, најмногу затоа што начинот на кој се создаваат воопшто не е еколошки.
„Имам впечаток дека домашното воспитување исчезна и на тоа мора многу да се работи. Ние немаме почит кон ништо и никаква одговорност. И самиот знам да паркирам пред автобуска постојка, непочитувајќи го притоа возачот на автобусот, ни другите учесници во сообраќајот. Мора да работиме на сообраќајната култура, особено со децата од најмала возраст“, кажа Данев.
А. АНТЕВСКА