ВО ЗЕМЈАВА ИМА САМО 258 ПАТРОНАЖНИ СЕСТРИ, НЕДОВОЛНО ЗА СИТЕ МАЈКИ И БЕБИЊА, ВЕЛИ ИЈЗ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

    ВО ЗЕМЈАВА ИМА САМО 258 ПАТРОНАЖНИ СЕСТРИ, НЕДОВОЛНО ЗА СИТЕ МАЈКИ И БЕБИЊА, ВЕЛИ ИЈЗ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТОФокусот на едногодишната глобална кампња се мајките, новороденчињата и децата, под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“. (Фото: К. Попов)

    Зајакнувањето на патронажната служба во земјава е од особена важност за подобрување на грижата за мајките и децата, велат од Од Институт за јавно здравје (ИЈЗ) по повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето. Според последната анализа на трендовите во капацитетите и функциите на патронажната служба, некои од најголемите проблеми се поврзани со недостаток на кадри и ограничена опрема.

    „Во 2023 бројот на патронажни сестри во Македонија се намалил на 258, што е недоволно за да се обезбеди квалитетна грижа за сите мајки и деца. Ова се должи на прераспределувањето на сестрите во други здравствени служби, а главната причина за напуштањето на патронажната служба е преместувањето во други здравствени структури. Во контекст на овие предизвици, неопходно е да се вложат ресурси за зголемување на бројот на патронажни сестри и подобрување на опремата, што ќе доведе до подобрување на квалитетот на здравствената грижа“, вели ИЈЗ.

    За состојбата во Македонија, ИЈЗ вели „ продолжуваме да се соочуваме со сериозни предизвици кои бараат континуирани напори и решавање на структурни проблеми“. Мајчината и доенечката смртност се намалени, но сè уште остануваат високи во одредени региони, особено во руралните и сиромашни подрачја на земјата, што укажува на потребата од понатамошни интервенции и мерки.

    Речиси 300 илјади жени годишно во светот умираат поради компликации поврзани со бременост и породување, вели Светската здравствена организација (СЗО), . Фокусот на едногодишната глобална кампња се мајките, новороденчињата и децата, под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“. Според извештајот на СЗО, повеќе од 2 милиони бебиња умираат во првиот месец од животот, а илјадници други не преживуваат при породувањето.

    „Ова значи дека на секои 7 секунди умира една мајка или едно новороденче од причини кои можат да се спречат“, вели СЗО.

    „Денес го дбележуваме Светскиот ден на здравјето, со фокус на најважниот темел за секое општество. Почнува едногодишна глобална кампања која ги повикува владите, заедниците и сите нас да преземеме конкретни чекори во поддршката на мајките, новороденчињата и децата уште од најраните моменти во животот, помагајќи да создадеме сигурна и надежна иднина. Имено, без сигурен почеток, нема сигурна иднина. Секој здрав живот започнува со стабилна бременост, безбедно породување и поддршка за мајките и новороденчињата во постнаталниот период. Затоа, главна цел на овогодинешната кампања е да се спречат смртните случаи и да се обезбеди долгорочно здравје и благосостојба на жените ширум светот. Во тој контекст, СЗО и нејзините партнери споделуваат едукативни материјали и корисни информации кои ќе бидат од голема помош во поддршката на здрава бременост, безбедни породувања и подобра грижа во периодот по породувањето, бидејќи квалитетната здравствена грижа не престанува со раѓањето на бебето, туку продолжува да обезбедува поддршка за мајката и детето во сите наредни фази од нивниот живот“, вели ИЈЗ.

    Македонија, исто така, се соочува со предизвикот на ниската реализација на одредени активности во рамките на програмата. Иако во последниве години има напредок во сферата на здравствената едукација и превенцијата, многу од овие активности не се имплементираат на ниво кое би дало значајни резултати. Пример за тоа е нискиот процент на искористеност на бесплатните контрацептиви, кој изнесува само 16,5% во 2023, што укажува на недостаток на ефикасна комуникација и координација меѓу здравствените институции и целните групи, што води до нецелосно искористување на ресурсите. Дополнително, реализирани се само 13% од планираните бесплатни прегледи за жени кои претрпеле сексуално, родово базирано и семејно насилство, што го потврдува потребното засилување на интерсекторската соработка и обезбедувањето на подобра достапност на услугите.

    Во Општина Шуто Оризари, и покрај месечната стимулација од 15.000 денари за избраниот гинеколог, постои ризик од затворање на гинеколошката служба поради финансиска неодржливост. Овие предизвици покажуваат дека е неопходна дополнителна поддршка и подобро планирање за обезбедување континуирана и квалитетна здравствена заштита за ранливите групи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира