ВО ЗГРАДАТА НА ЕЛЕМ ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДИРЕКТОРОТ Е НАПРАВЕНА СОБА ЗА ДОВЕРЛИВИ РАЗГОВОРИ И ЗА РЕЛАКСАЦИЈА

    ВО ЗГРАДАТА НА ЕЛЕМ ОД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДИРЕКТОРОТ Е НАПРАВЕНА СОБА ЗА ДОВЕРЛИВИ РАЗГОВОРИ И ЗА РЕЛАКСАЦИЈАНовата барокна зграда која почна да се гради во 2013 година, уште не е готова оти останати се низа недовршени работи а се вршат и поправки.(Фото: К.Попов)

    Новата деловна барокна зграда на АД ЕЛЕМ која почна да се гради во 2013 година не може да добие употребна дозвола оти минатото раководство во текот на градбата правеле низа измени во градбата, а за тоа не поднесувале барања за одобрување до Министерството за транспорт и врски. Но, ниту градежните работи целосно не се завршени оти не се вградени потребните инсталации кои досега не биле предвидени со дополнителните договори, а се поправаат и утките кои биле направени при градбата.

    Се врши дополнително зацврстување на ѕидовите на четвртиот кат оти дата центарот иако требало да биде на приземје ставен е на 5-ти кат. (Фото: К.Попов)

    Денеска новото раководство на компанијата ЕЛЕМ ја презентираше зградата на новинарите. Трите подземни нивоа се паркинг простор, но тој не може да се користи оти нема пристап. Со првичниот проект било предвидено да се пробива улица која ќе минува меѓу зградите кај Градски ѕид, со што требаше да се уништи зеленилото и да се исечат дрвјата.

    „Улицата нема да се гради оти не сакаме да го уништиме и она малку зеленило што остана во овој дел од градот. Сега размислуваме да направиле лифт, па на тој начин да се спуштаат возилата во гаражите и ќе можат да се паркираат само службените возила на компанијата. Имаме проблеми и со поплави, третото подземно ниво постојано се поплавува од подземни води. Еве во моментов вршиме дополнителна изолација“, велат од ЕЛЕМ.

    Во моментов нема пристап по подземните гаражи оти со првичниот проект било предвидено да се пробива улица која ќе минува меѓу зградите кај Градски ѕид, со што требаше да се уништи зеленилото и да се исечат дрвјата.(Фото: К.Попов)

    На секој кат се правени поправки бидејќи просториите и инсталациите биле неплански изведени.

    „Некои делови се изведени квалитетно, а некои субстандардно. Инсталациите во најголем број се адекватни, но недостасуваат елементи и токму затоа се распиша јавна набавка за комплетирање на изведбата. Се врши дополнително зацврстување на ѕидовите на четвртиот кат оти дата центарот иако требало да биде на приземје ставен е на 5-ти кат. Поради големата тежина и нестандардното оптоварување сега вршиме зајакнување со челични профили“, објаснуваат од ЕЛЕМ.

    На шестиот кат од зградата е канцеларијата наменета за генералниот директор. Во неа има канцеларија, сала за состаноци, тоалет со туш кабина, соба за релакција и соба со звучна изолација за доверливи разговори. Во зградата веќе се пристигнати мебелот за канцелариите, но стојат низ објектот оти речиси во сите канцеларии се вршат некакви градежни работи или ситни поправки.

    На осмиот кат е предвидена и фитнес сала, но како што велат од ЕЛЕМ таа ќе се користи за друга намена, но за што уште не одлучиле.

    За генералниот директор предвидена е канцеларија, сала за состаноци, тоалет со туш кабина, соба за релакција и соба со звучна изолација за доверливи разговори. (Фото: К.Попов)

    АД Електрани на Македонија во 2013 година почна да гради нова деловна зграда на улица Македонија. Тој објект неколку пати го пробиваше рокот за завршување, како и сумата која беше потребна за негова изградба. Зградата првично требало да чини 9,8 милиони евра. Во текот на градбата цената се зголемува на 14,6 милиони евра, односно се зголемува за 48,4 отсто. Дополнително на ова се и трошоците за изработка на основен проект, 50-тина илјади евра, надзорот на градбата, кој го врши градежниот институт Македонија АД Скопје 30-тина илјади евра и мебел 470.000 евра.

    Новото раководство распиша тендер за избор на фирма која треба да ги заврши преостанатите 1 отсто од работите и да се направат потребните испитувања на зградата, кои чинат околу 90 илјади евра.

    „Во моментов чекаме испитување од ИЗИИС за да се покаже дека дополнителните работи и измените во градба на влијаат на статиката, по што ќе побараме од Министерство за транспорт и врски употребна дозвола“, додаваат од ЕЛЕМ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира