ВОДАЧИТЕ НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ ПРЕД ЕДЕН ВЕК ЗБОРУВАЛЕ ЗА СОЖИВОТ И ЧОВЕКОВИ ПРАВА, КАЖА ЏАФЕРИ ВО ГОВОРОТ НА МЕЧКИН КАМЕН

    ВОДАЧИТЕ НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ ПРЕД ЕДЕН ВЕК ЗБОРУВАЛЕ ЗА СОЖИВОТ И ЧОВЕКОВИ ПРАВА, КАЖА ЏАФЕРИ ВО ГОВОРОТ НА МЕЧКИН КАМЕНСобранискиот спикер годинава беше говорник на централната прослава на Илинден во Крушево. (Фото: принтскрин/МРТВ)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери со цитат од Крушевскиот манифест повика на соживот и почитување на мултиетничкото општество во говорот на централната прослава на Илинден на Мечкин Камен во Крушево.

    „Духот на Крушевскиот манифест, провејува во текот на целата народноослободителна борба, а се материјализира и во нашиот втор Илинден, односно во документите на АСНОМ од 1944 година. Документи во кои јасно се дефинирани општите и посебните човекови права и слободи, јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мулти конфесионалниот карактер на нашата држава. Тоа што е особено важно е фактот што со документите на АСНОМ, јасно е дефинирано правото на самобитност втемелено врз принципите на самоопределување, односно Република Македонија за прв пат се конституира како рамноправна република во рамките не федерална Југославија. Таа вековна желба, па ако сакате и вековен сон за самостојна држава Македонија како татковина на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други нејзини граѓани продолжи да се сонува, а се оствари на 8-ми Септември 1991 година со референдумот за самостојна и независна држава. А онаа константа која е втемелена во Крушевскиот манифест за мултиетничкиот, мултикултурниот и мулти конфесионалниот карактер на нашата држава е потврдена и во Уставот на Република Македонија“, кажа Џафери.

    Собранискиот спикер во говорот на Мечкин Камен цитираше и дел од Крушевскиот манифест.

    „Дозволете да цитирам дел од Крушевскиот манифест: Елате браќа муслимани при нас, да тргниме протиф вашите и наши душмани! Елате под бајрако на „Афтономна Македонија. Македонија е заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме от маки и страданија. Мили наши комшии, како Турци, Арнаути елате при нас браќа, да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живеат мирно, да си работат спокојно и да напредуваат“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во говорот на централната прослава на државниот празник Илинден на Мечкин Камен во Крушево

    Џафери потенцираше дека со овој дел од манифестот,  водачите на Илинденското востание, Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои покажале дека имале високи развиени  принципи за зедништво, толеранција, почитување на човекови права, без разлика на вера, етничка припадност, пол, статус.

    „Мислам дека сите ние кои живееме во ова наша заедничка држава,  треба да бидеме горди што пред повеќе од еден век нашите претци зборувале за човекови права, зборувале за слобода, за соживот, за мултикултурно и мултиетничко општетство“, рече Џафери.

    На прославата на Мечкин камен имаше зголемен број на припадници на министерството за внатрешни работи, како во цивилка, така во униформа. По пристигнувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери, дел од присутните на прославата, свиреа, дел навредуваа, а дел и аплаудираа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира