ВОДИЧ ЗА ХУМАНИТАРНАТА ТРКА „СИТЕ ЗА КОЧАНИ“ В НЕДЕЛА ВО 7 ГРАДОВИ, СТАРТНИТЕ БРОЕВИ СЕ ПОДИГНУВААТ ДЕНЕС И УТРЕ ОД КАНЦЕЛАРИИТЕ НА ЕВРОПСКА КУЌА

    ВОДИЧ ЗА ХУМАНИТАРНАТА ТРКА „СИТЕ ЗА КОЧАНИ“ В НЕДЕЛА ВО 7 ГРАДОВИ, СТАРТНИТЕ БРОЕВИ СЕ ПОДИГНУВААТ ДЕНЕС И УТРЕ ОД КАНЦЕЛАРИИТЕ НА ЕВРОПСКА КУЌАТрката ја организираат Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Европска куќа, во склоп на одбележувањето на Денот на Европа. (Фото: Европска куќа)

    В недела, 25 мај, ќе се одржи хуманитарната трка насловена „Сите за Кочани – Трчаме заедно“. Трката ќе се одржи во седум градови, Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово и има за цел да собере средства за помош на повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март. Во пожарот загинаа 62 главно млади лица, а повредени се околу 200 од кои 25 деца.

    Во Скопје, трките ќе се одржат на Средно Водно. Трката од 5 километри започнува во 10 часот, а трката на 10 километри во 11 часот. Пристапот со возила кон Средно Водно ќе биде регулиран, а паркингот нема да биде достапен за возила. За таа цел, ќе биде обезбеден организиран бесплатен автобуски превоз од паркингот кај Цветен пазар до Средно Водно. Превозот ќе се одвива од 08:30 до 10:10 часот, а повратниот превоз ќе биде достапен од 12 до 14:15 часот.

    „Граѓаните кои ќе учествуваат во трката се охрабруваат да го користат организираниот автобуски превоз. Дел од автобусите кои ќе се користат се еколошки и се обезбедени со поддршка од Европската унија, во рамки на напорите за одржлива мобилност и заштита на животната средина. За оние кои сакаат дополнителен спортски предизвик, пешачката рута од подножјето до Средно Водно останува отворена. Средствата собрани преку котизациите ќе бидат уплатени на Црвениот крст на Македонија и ќе бидат насочени кон поддршка на заедницата во Кочани. Дополнително, на денот на трката ќе биде поставена и кутија за донации од страна на Црвениот крст, каде што сите присутни ќе имаат можност да донираат дополнително“, велат од Европска куќа.

    Возен ред за бесплатен градски превоз до Средно Водно во Скопје. (Фото: Европска куќа)

    Подигнувањето на стартните броеви за учесниците од Скопје ќе се врши денеска ( 23 мај)  од 9  до 19 часот и на 24 мај (сабота) од 9 до 16 часот во просториите на Европска куќа Скопје. При подигнување е потребно да се приложи регистрацискиот број или потврдата добиена по е-пошта. За тимски пријави, доволно е еден член да ги подигне броевите за целиот тим. На денот на трката (25 мај) нема да се издаваат стартни броеви.

    Во останатите шест градови, подигнувањето на стартните броеви ќе се врши на истите датуми и во истите временски интервали во просториите на локалните канцеларии на Европска куќа.

    Трката ја организираат Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Европска куќа, во склоп на одбележувањето на Денот на Европа.

    Распоред за подигнување на стартните броеви (Фото: Европска куќа)

    Организаторите велат дека трката е наменета за граѓани од сите возрасни групи, без разлика на физичката подготвеност. Пријавувањето е веќе затворено, а сите дополнителни информации за локациите и времето на трките можат да се најдат на социјалните медиуми на секоја Европска куќа поединечно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира