Војводата од Кент, принцот Едвард денес ја посети Македонија како претставник на Обединетото Кралство во одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна.
Осумдесет и двегодишниот војвода, кој е прв братучед на Кралицата Елизабета Втора, е претседател на Комисијата за воени гробишта на Комонвелтот од 1970 година. Комисијата е организација која им оддава спомен на сите мажи и жени кои служеле и починале во двете светски војни и се грижи за спомениците на 23.000 локации во 154 земји. Војводата тесно соработува со Комисијата и ги посетува локациите.
Принцот денес во Македонија пристигна од Грција, и за време на посетатата во близина на Раброво, тој беше запознаен со битките во Дојран и Костурино, со детали за бројот на британски и ирски формации, вклучително и 10-та Ирска дивизија, по што положи цвеќе на споменикот во чест на 10-та Ирска дивизија.
Оттаму замина за Скопје каде присуствуваше на церемонија на британските воени гробишта, во присуство на високи воени претставници, како и амбасадори на земјите кои учествувале во Првата светска војна.
„Годишнините од двете светски војни се можност за заедничко сеќавање, можност да се потсетиме за хоророт на војната, да жалиме да им одадеме спомен на оние кои ги изгубија животите, да покажеме солидарност со оние кои преживеале“, велат од британската амбасада во Македонија.
Б. НЕСТОРОСКА