Вонредна вакцинација против мали сипаници ќе има на децата во клонот „Ташко Караџа“ во градинката „11 Октомври“ во скопската населба Радишани, а ќе се вакцинираат и бебиња од шестмесечна возраст во оваа населба, каде вчера Комисијата за заразни болести прогласи епидемија, откако беа реагистрирани пет заболени деца и еден возрасен. Според редовниот календар за имунизација, првата доза од оваа вакцина се дава кај деца на 13-месечна возраст.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека во градинката се запишани 223 деца, и дека во овој период кога се регистрирани заболените деца градинката ја посетувале во просек 104 деца.
Тој кажа дека четири од заболените деца се на Клиниката за инфективни болести, а едно е на домашно лекување и дека и децата и возрасниот кој е заболен се во стабилна состојба.
Градинката во Радишани е затворена од вчера и таму е направена вонредна дезинфекција.
Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје кажа дека со вонредна вакцинација на децата од шест месеци до 14-годишна возраст важи само за населбата Радишани, и дека се препорачува здравствените домови во Скопје и ширум земјата сите деца над една година да ги повикаат на вакцинација.
„Возрасните кои биле во контакт со заболените деца да го проверат својот вакцинален статус и ако не се вакцинирани да се вакцинираат. Малите сипаници се сериозно заразно заболување, кое може да предизвика запаление на мозокот, а во исклучителни ситуации и да дојде до смрт“, рече д-р Микиќ.
Тој кажа дека е формирана работна група, која ќе ги проверува вакциналните картони и дека треба да проверат околу 100.000 вакцинални картони и сите невакцинирани да ги повикаат да се вакцинираат.
„Очекувам да најдеме околу 10 до 15 отсто невакцинирани, бидејќи опфатот за оваа вакцина во Скопје во 2016 беше 67 отсто, а лани беше 78 отсто. Од еден заболен со морбили се проценува дека може да заболат од 18 до 19 лица, бидејќи е виско заразно заболување ги преземаме овие мерки. Во периодот на инкубација, кога уште нема осип детето може да биде заразно и затоа се прави оваа мерка. Првите симптоми се течење на нос, коњуктивит покачена температура, што се симптоми и на други болести и не може да се препознаат“, рече Микиќ.
Претседателката на Комитетот за имунизација проф. Александра Грозданова кажа дека во моментов во земјава има 16.854 дози на вакцината против морбили, рубеола и паротит, од кои 3.000 се за вакциналните тимови во Скопје.
„Вакциналните тимови имаат доволни количини од МРП вакцината. Вакцините се од реномиран производител и се апсолутно квалитетни и безбедни“, рече Грозданова.
Е. БОЧВАРОСКА