Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави одржување на нова лидерска средба, откако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа лидерска средба во врска со иднината на СЈО. Заев, кој денеска беше во Кавадарци во посета на комбинатот „Еуро никел“, поранешно „Фени“, рече дека на лидерската средба ќе се разговара за реформските закони во Собранието и за претстојните претседателски избори.
„Време е да одржиме лидерска средба. Едно заради реформите и реформските закони во Собранието, второ, претстојните претседателски избори кои доаѓат. И трето, вредно е да се разговара за било кое отворено прашање. Јас секогаш давам шанса на дијалогот. Дијалогот е од помош за нашата земја, за сите отворени прашања. Верувам дека во најскоро време ќе се одржи лидерската средба, како одговара и за шефот на опозицијата. Заедно ќе се прилагодиме, за да можеме да ја одржиме таа лидерска средба“, изјави Заев.
Последната лидерска средба се одржа во јули минатата година во Клубот на пратеници.