Врховните судии и денеска на општата седница не гласаа за двата предлога на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, едниот да се прогласи дека бомбите со прислушуваните разговори не може да се користат како доказ во кривична постапка, а другиот Специјалното обвинителство да се прогласи за неовластен орган да поднесува Барање за заштита на законитоста (БЗЗ). Ново продолжение на општата седница е закажано за утре во 9.30 часот. Врховниот суд првпат расправаше за предлозите на 12 април, а седницата на 18 април беше одложена поради болест на дел од врховните судии.
Основниот суд Скопје 1, а потоа и Апелациониот суд Скопје, ги прогласија бомбите за невалидни докази во постапките. Подносител на иницијативата до Основниот суд Скопје 1 бомбите да се прогласат како неважечки докази во постапките што се водат пред судовите беше адвокатот Никола Додевски.
Јавниот обвинител Марко Зврлевски до Врховниот суд на 27 март годинава поднесе БЗЗ со кое бара укинување на притворот на осомничениот Сеат Кочан, кој е во бекство откако СЈО побара мерка притвор за него, како првоосомничен во случајот „Труст“. Тоа беше на 8 март годинава. СЈО по ова, побара повлекување на БЗЗ од Зврлевски, бидејќи, како што рече, се работи за предмет за кој не е надлежно ЈОРМ, туку СЈО.