Врховниот суд денеска донесе решение за предметот во врска со екстрадицијата на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани, баран од Србија како сомничен за воени злосторства на Косово, со кое се укинува Решението на Основниот кривичен суд Скопје и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување. Решението на Кривичниот суд што го донеле тројца судии беше дека нема основа за екстрадиција на Рамадани, кој и онака избега од куќниот притвор што му го додели судијата Пајазит Пајазити од истиот суд.
Пајазити го пуштил да избега бараниот со потерница Блерим Рамадани, но други тројца судии згрешиле со екстрадицијата. Куќниот притвор е еден пропуст, екстрадицијата е друг пропуст од истиот суд.
„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, при донесување на својата одлука со која утврдил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на именуваното лице, не дал образложени причини од кои се раководел кога прифатил дека постапката започната согласно член 75 став 1 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како скратена постапка да се води како редовна постапка согласно член 68 во врска со член 51 од истиот закон. Ваквото постапување и донесување на одлука на првостепениот суд по оценка на Врховниот суд на Република Северна Македонија е нејасно и неразбирливо, без дадени релевантни причини од кои советот се раководел при донесување на својата одлука“, соопшти Врховниот суд.
При повторното постапување, првостепениот суд е должен да ги има предвид наведените укажувања, како и одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Европската конвенција за екстрадиција со Првиот и Вториот Дополнителен протокол во врска со Законот за ратификација на Третиот Дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, па врз основа на истите со правилна примена на одредбите да донесе правилна и законита одлука, бара Врховниот суд.
И да постапат во Кривичниот суд по насоките на Врховниот суд, прашање е кого ќе екстрадираат кога Рамадани баран за злосторства врз цивили избега во Косово?
Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК, Рамадани на 14 август избега од куќен притвор од домот на роднини во Македонија. Тој беше уапсен на 17 јули 2024 на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка. Србија го бара по потерница поради сомнежи за злосторства во војната на Косово пред 25 години.
Но, судијата на претходна постапка Пајазит Пајазити од Кривичниот суд Скопје, од екстрадиционен, го стави Рамадани во куќен притвор, на пријавена адреса на роднини/пријатели на осомничениот Рамадани.
Како што дознавме, Рамадани избегал точно по одлуката на други тројца судии во Кривичен совет, кои спротивно на колегата Пајазити, му одредиле на Рамадани ефективен притвор од 30 дена поради опасност да избега. Никој не се бави со тоа кој му дојавил на Рамадани за таквата одлука, поради која избегал.
С. К. ДЕЛЕВСКА