ВРХОВНИОТ СУД НАПРАВИ АМНЕСТИЈА РАМНА НА ОНАА НА ИВАНОВ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНИТЕЛОТ БУРИМ РУСТЕМИ НА „РЕКЕТ“

    ВРХОВНИОТ СУД НАПРАВИ АМНЕСТИЈА РАМНА НА ОНАА НА ИВАНОВ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНИТЕЛОТ БУРИМ РУСТЕМИ НА „РЕКЕТ“За утре меѓу повиканите сведоци се апелационата судијка Мери Дика - Георгиевска, чија сестра пак, беше повикана како сведок во втората истрага за Бојан Јовановски за Меѓународниот сојуз, водителката Лила Филиповска, шефицата на кабинет на Јанева, Сања Димовска и други. - Од денешното сведочење на обвинителот Бурим Рустеми (Фото: К. Попов)

    По вчерашното сведочење на обвинителката на „Империја“ Лиле Стефанова, денеска во „Рекет“ за влијанија во истрагата „Поштенска банка“ од страна на обвинетата Катица Јанева, сведочеше обвинителот Бурим Рустеми.

    „Предистрагата за ’Поштенска банка‘ траеше една година, се отвори врз основа на еден прислушуван разговор. Истрагата се отвори во октомври 2018 година. Предложив мерки притвор за Томе Главчев, Ратко Димитровски и Коле Смилевски. Судијата на претходна постапка му одреди мерка одземање патна исправа на Смилевски, а кривичен совет од Основниот суд Скопје 1 им определи мерки одземање на патните исправи на сите тројца. Следуваше замрзнување на имотите на Главчев и Димитровски. За еден стан кој се наоѓа во Скопје, сопственост на една од фирмите на Главчев, Јанева побара да се тргне тој стан од предлогот за замрзнување зашто веќе бил продаден на нејзина пријателка, зашто така само ќе сме му направеле штета на Главчев“, рече Рустеми.

    Тој не се посомневал за станот, зашто по вредност, бил минорен во однос на останатиот имот за кој имало предлог за замрзнување.

    На прашање на обвинителката Гордана Смаќоска за патните исправи, Рустеми се сети дека на сугестија на шефицата Јанева дал позитивно мислење да му биде вратен пасошот на Томе Главчев, кој дал гаранција од милион евра во машини за шиење кошули.

    Рустеми се посомневал во олеснителните предлози на Јанева кога колешката Стефанова му рекла дека дознала оти станот треба да го земе поранешниот директор на МЕПСО Сашо Василевски.

    Во истрагата „Поштенска банка“ за тоа кој да биде осомничен, Јанева не му се мешала на Рустеми.

    Но, по начелното правно мислење од Врховниот суд, бил предизвикан хаос со предметите на СЈО.

    „По начинот и брзината на носењето на ова мислење од Врховниот суд, наликуваше на амнестијата на Иванов. Тоа предизвика удар врз предметите на СЈО, меѓу кои беше и ’Поштенска‘. Сепак, колективно прифативме став дека не може тоа да биде амнестија за осомничените во истрагите во СЈО. Потоа на состанок кај Јанева, таа предложи да се утврди штетата во ’Поштенска банка’ и да се затвори истрагата. Ова размислување ме збуни. Мислев дека Јанева сака да се повика на мислењето на Врховниот суд и да ги затвори истрагите. Но, во средината на април 2019 година на колегиум Јанева го повтори својот предлог, со наредба штета да се пресмета во ’Поштенска ‘ и во ’Империја ‘, без предлози за затворски казни. Го кажа тоа и го затвори состанокот“, сведочи Рустеми.

    Потоа тој ја пресметал штетата што осомничените ја направиле со кривичните дела во финансиската истрага „Поштенска банка“, но предложил и ублажени затворски казни, адекватни на признание на вина со спогодба, а не како што му наредила шефицата, само со плаќање на штетата.

    Прашан за претресот во просториите на фирмите на тројцата осомничени, биле одземени предмети, телефони и документација кои се доказен материјал.

    Судењето за „Рекет“ продолжува утре. Сведочењата на Стефанова и Рустеми се однесуваа на нивната поранешна шефица Јанева, а не за првообвинетиот Бојан Јовановски.

    За утре меѓу повиканите сведоци се апелационата судијка Мери Дика – Георгиевска, чија сестра пак, беше повикана како сведок во втората истрага за Бојан Јовановски за Меѓународниот сојуз, водителката Лила Филиповска, шефицата на кабинет на Јанева, Сања Димовска и други.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира