Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, му одреди мерка притвор од 30 дена на врховниот судија Наќе Георгиев. Тој е осомничен за кривичното дело Примање награда за против законито влијание од чл. 359 од КЗ и судијата смета дека може да уништува докази ако се остави на слобода.
„По изјавата на осомничениот во присуство на неговиот бранител, како и со оглед на фактите и доказите приложени од страна на Јавниот обвинител, судијата на претходна постапка донесе решение со кое предлогот за притвор се уважува. На осомничениот му се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст. 1 точка 2 и 3 односно може да ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и може да го доврши или повтори кривичното дело“, соопшти судот.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
За второосомничениот, обвинителoт Иџет Mемети кој е член на Советот на јавни обвинители, попладнево Јавниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост, и тоа одземање на пасошот и личната карта и мерките да траат додека постои потреба, а најдоцна до правосилноста на пресудата. Судот уште нема донесено одлука.
Георгиев и Мемети се осомничени за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во ОЈО за организиран криминал и корупција. Синот видел дека го лажеле двајцата, па ги пријавил во МВР, каде му дале обележани банкноти. Кога му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатиле Георгиев на дело.
По добивање на предлогот за определување на мерка притвор против осомниченот, кој е актуелен Врховен судија, Кривичниот суд се обратил до Судскиот совет на РСМ како надлежен за одлучување во однос на имунитетот на судијата за што советот донесе одлука со која му го одзеде.
„По добивање на одлуката на Судскиот совет, судијата на претходна постапка се обрати и до надлежниот Апелационен суд Скопје, со оглед дека член на потесното семејство на осомничениот, т.е. неговиот син е избран судија во Основниот кривичен суд Скопје. Синот веднаш по изборот е времено делегиран да постапува во друг суд, а со цел доследно почитвање на Законските одредби и надлежноста во постапувањето. Од второстепениот суд е добиено решение според кое не постојат законски пречки судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје да постапува по предлогот на ОЈО ГОК, по што е донесена мерката притвор“, вели Кривичниот суд.
Синот на Наќе Георгиев, штотуку избран за судија во Кривичниот суд, претходно е делегиран во друг град, а да беше во Скопје, немаше да може постапката за таткото да се води во овој суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА