ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА ЈА ПРИЗНА МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА ЗА КАНОНСКА, ЗА АФТОКЕФАЛНОСТA ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО СРПСКАТА ЦРКВА

    ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА ЈА ПРИЗНА МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА ЗА КАНОНСКА, ЗА АФТОКЕФАЛНОСТA ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО СРПСКАТА ЦРКВАОд богослужбата за Велигден во манастирот „Свети Јован Бигорски“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Македонската православна црква-Охридска Архиепископија денеска е признаена за канонска и валидна во православниот свет, со одлука на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија од Истанбул, предводена од Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, соопшти МПЦ-ОА. Од возобновувањето во 1967 година, МПЦ-ОА беше меѓународно изолирана и непризнаена од православниот свет.

    Синодот на МПЦ-ОА во април 2018 година испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Оттогаш, и македонскиот државен врв упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација.

    Денеска, откако уште еднаш биле разгледани сите црковно-правни елементи, Патријархот Вартоломеј и неговиот Синод ја уважија молбата и ја донесоа конечната одлука. Но, во одлуката на Вселенската Патријаршија се вели дека се остава на најсветата Црква на Србија (СПЦ) да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание, што значи дека за томосот за автокефалност ќе го предложи СПЦ до Вселенсата Патријаршија, која е единствената што по каноните издава томос за афтокефалија.

    Од МПЦ-ОА велат дека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори, но македонската црква веќе не е во шизма и раскол со севкупната православната црква и македонските свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви.

    Премиерот Димитар Ковачевски му се заблагодари на Г. Г. Вартоломеј што „направи големо дело, покажа голема грижа за еден голем православен народ и Вселенската Патријаршија со овој чин потврди дека стојат на историската мисија и одговорност“.

    „Иако со овој чин конечниот статус и име сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после 7 децении тотална изолација. Денеска со одлуката на Вселенската Патријаршија ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охрхидска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија“, изјави Ковачевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира