ОБЈАВЕНА WWW.SCHOOLS.MK, ПЛАТФОРМАТА ЗА ОНЛАЈН УЧЕЊЕ

    ОБЈАВЕНА WWW.SCHOOLS.MK, ПЛАТФОРМАТА ЗА ОНЛАЈН УЧЕЊЕОпштина Центар вчера организираше свечен прием за првачињата пред стартот на учебната година на 1 октомври.- Од приемот на првачиња во ОУ „Коле Неделковски“. (Фото: Општина Центар)

    На пет дена пред стартот на новата учебна година, од полноќ е достапна веб страницата на eдинствената национална платформа за онлајн учење преку адресата www.schools.mk, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

    На платформата веќе се поставени видео упатства и прирачници, но и други содржини. Министерството  веќе испратило насоки до сите училишта задолжително да се достават корисничките лозинки до учениците.

    „Министерството за образование и наука ги повикува локалните самоуправи и градоначалниците, кои, исто така, се наш важен партнер во овој процес, максимално да се посветат на обезбедување услови за непречен старт на учебната година во училиштата, без разлика дали станува збор за физичко присуство, или за учење од далечина“, велат од Министерството.

    Учебната година ќе почне на 1 октомври, а  Владата даде согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. Не исполнуваат услови 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.

    За организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предложи  согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира