ЗА 10 ГОДИНИ ВО МАКЕДОНИЈА ИМА 27 ИЛЈАДИ УЧЕНИЦИ ПОМАЛКУ, ВО ПЕХЧЕВО НАМАЛУВАЊЕТО НА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ Е ЗА 83 ОТСТО

    ЗА 10 ГОДИНИ ВО МАКЕДОНИЈА ИМА 27 ИЛЈАДИ УЧЕНИЦИ ПОМАЛКУ, ВО ПЕХЧЕВО НАМАЛУВАЊЕТО НА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ Е ЗА 83 ОТСТОВо апсолутни бројки, најголемo намалување на бројот на средношколци има во Скопје, и во речиси сите големи градови, почнувајќи од Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип. (Фото: СДК.МК)

    Центарот за граѓански комуникации објави анализа со длабоко загрижувачки податоци за намалување на бројот на ученици во основното и во средното образование. За една декада, бројот на ученици е помал за 27.000, според податоците на анализата на невладината организација.

    Намалувањето е особено изразено во средните училишта, каде по сè изгледа е преломот кога семејствата се иселуваат од Македонија. Намалувањето на средношколците е за 20 отсто. Намалувањето на основците е за 5 отсто.

    Рекордот е Пехчево, град во кој речиси веќе и да нема средношколци, бидејќи таму има намалување за 83 отсто од пред десет години. Кај основните училишта најголемо намалување има во Ново село (за 57 проценти).

    Интересно е што во основното образование како што паѓала бројката на ученици од година в година, така растел бројот на вработувани наставници.

    „Имено, последната учебна година во основното образование имало 1.203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за 7 %. Истовремено, бројот на ученици е намален за 5 проценти. Кога станува збор за средното образование, пак, бројот на наставници е намален за речиси 5 %, но таму намалувањето на бројот на ученици е за 20 %.“, се вели во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

    Само за десет години бројот на ученици во основните и во средните училишта во земјава е намален за 27 илјади, односно за 10 %.

    Во две третини од општините има намалување на бројот на ученици, додека зголемување има во десет скопски општини и во девет други општини, надвор од Скопскиот Регион.

    Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба, каде во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат: Центар, Струга, Куманово и Гостивар.

    Во релативни бројки, најголемо намалување на бројот на учесници во осмолетка има во општина Ново Село, каде само за десет години, бројот на ученици во односното образование е преполовен, односно е намален за 57 %.

    Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово.

    Од големите градови, бројот на ученици во основно расте во Скопје и во Струмица

    Спротивно, зголемување на бројот на ученици имало во десет општини од Скопскиот Регион, а со тоа и во Градот Скопје во целина. Најголемо зголемување и во вкупна бројка и процентуално има во Бутел и Карпош. Во Карпош, во последната учебна година имало речиси 2,5 илјади повеќе основци отколку пред десет години, што е зголемување на бројот на учесници за 56 %. Во Бутел, зголемувањето е за околу 2 илјади ученици, односно за 59 %.

    Слично е и во Ѓорче Петров каде зголемувањето е за 43 %, односно за нешто повеќе од илјада ученици.

    Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9 %.

    Насекаде се намалува бројот на средношколци, освен во неколку мали општини.

    Кога станува збор за средното образование, состојбата е многу полоша. Таму, намалување на бројот на ученици има во дури 73 општини, односно во 90 % од општините, вклучувајќи го и Град Скопје како целина.

    Во апсолутни бројки, најголемo намалување на бројот на средношколци има во Скопје, и во речиси сите големи градови, почнувајќи од Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.

    Покрај најголемиот губитник Пехчево, преполовување на бројот на средношколци има во Крушево, Македонски Брод и Врапчиште. Скопје има намалување за 2.727 средношколци, односно за 10 % во последната учебна година.

    Спротивно, зголемување има само во седум општини од кои пет се од Скопскиот Регион и само три други општини, Брвеница, Боговиње и Богданци. Четири од овие општини се оние во коишто немало, но во последните десет години се отворило средно училиште, со што може да се оправда зголемениот број на ученици. Ако се изземат овие општини, бројот на учесници во средно е зголемен само во 3 општини во земјава и тоа: Аеродром, Центар и Богданци. Како и да е, во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1.136, наспроти 18.000 за колку што е намален бројот на ученици во останатите 73 општини.Со намалувањето на бројот на ученици во основното образование насекаде низ Македонија, бројот на наставници е зголемен. Последната учебна година имало 1.203 наставници повеќе отколку пред десет години, односно нивниот број е зголемен за 7 %. Истовремено, бројот на ученици е намален за 5 проценти.

    Кога станува збор за средното образование, бројот на наставници е намален за речиси 5 %, но таму намалувањето на бројот на ученици е за 20 %.

    Сите податоци во истражувањето Центарот за граѓански комуникации ги зел од Државниот завод за статистика.

    На потег е државата, да објасни зошто се случува овој егзодус на деца од Македонија и да каже што има намера да презеде.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира