ЗА 14 МЕСЕЦИ ВЛАДАТА ЈА НАПРАВИ МАКЕДОНИЈА НАЈЗАДОЛЖЕНА ЗЕМЈА ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН, А РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ Е ИСТОРИСКИ НАЈНИСКА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ЗА 14 МЕСЕЦИ ВЛАДАТА ЈА НАПРАВИ МАКЕДОНИЈА НАЈЗАДОЛЖЕНА ЗЕМЈА ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН, А РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ Е ИСТОРИСКИ НАЈНИСКА, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕСпоред Филипче, паралелно со растот на долговите, странските инвестиции исчезнуваат. (Фото: СДСМ)

    Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само 14 месеци ја направи државата најзадолжена во Западен Балкан, со јавен долг кој Светската банка предвидува дека ќе достигне 62,9% од БДП, кажа денеска претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче. Тој на прес-конференција рече и дека имаме историски најниска реализација на капиталните инвестиции, кои до крајот на септември изнесуваат 43,78%.

    „Во последниве 14 месеци, државата се задолжи за над 1,86 милијарди евра. Во најава се нови 950 милиони евра надворешно задолжување и 70 милиони од домашни банки. Ние сме единствена земја во која актуелниот долг го надминува предпандемискиот пик“, изјави Филипче.

    Тој ја обвини власта дека се обидува да манипулира со бројките, тврдејќи дека долгот е 61,7% за да го прикрие товарот врз економијата.

    „Под површината, стои уште еден проблем кој Владата избегнува да го признае. Фискалниот совет предупредува на приближно 700 милиони евра доспеани, а неплатени обврски. Тоа е скриен долг што директно ја уништува ликвидноста на македонските компании“, рече претседателот на СДСМ.

    Според него, паралелно со растот на долговите, странските инвестиции исчезнуваат.

    „Во 2024 година, Владата што ја предводеше СДСМ остави повеќе од една милијарда евра странски директни инвестиции. А што имаме во 2025? Во првиот квартал 135,8 милиони евра, а во вториот само 75,9 милиони евра. Премиерот, кој неодамна влезе во еуфорија со најави за милијарди, сега молчи. А токму тоа молчење е најгласниот доказ за економскиот пад“, додаде Филипче.

    Лидерот на СДСМ изрази загриженост и за ниската реализација на капиталните проекти, кои треба да бидат двигател на економијата.

    „Заклучно со септември, реализирани се само 43,78% од предвидените средства, или 20,7 милијарди денари. Ова ќе биде уште една изгубена година за капитални проекти, а проекциите покажуваат дека до крајот на годината ќе имаме само околу 55% реализација. Овие бројки покажуваат дека оваа Влада нема капацитет да ги реализира ниту сопствените планови“, рече Филипче.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира