Од полноќ, цената на бензините се зголемува за 2,5 денари, а на дизелот за 2 денари. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се зголемуваат малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,47% во однос на одлуката од 27.4.2026.
Цената на Еуросупер БС 95 ќе биде 95,85 денари за литар, на Еуросупер БС 98 ќе биде 98,87 денари, а на Еуродизел 93,50 денари.
Од Регулаторна велат дека референтните цени кај сите нафтени деривати на светскиот пазар бележат зголемување во споредба со претходната пресметка и тоа во просек: кај бензините за 5,324%, кај дизелот за 2,817%, кај екстралесното масло за 3,394% и кај мазутот за 8,305%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3444 проценти.
Во оваа пресметка земени се предвид намалениот износ на акцизата за 4,00 денари за литар кај Еуродизел и намалениот износ на акцизите за 2 денари за литар кај Еуросупер БС-95 и БС-98, како и намалениот износ на ДДВ во износ од 10%, со исклучок кај дизелските фракции и мазутот.



