Од јануари до септември, меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид опслужиле 2,6 милиони патници и 20.141 лет.
На двата македонски аеродрома во првите девет месеци има зголемување на бројот на патници за 6% во однос на истиот период минатата година, додека бројот на летови е зголемен за 3 отсто.
„За овој константен тренд на раст на бројките во овие девет месеци во голема мера влијаеја новоотворените осум линии од двата аеродрома на почетокот на годинава, во соработка со авикомпаниите и Владата. Убеден сум дека стабилниот раст ќе продолжи и до крајот на годината затоа што во наредниот период ќе стартуваат седум нови авиоповрзувања на земјава преку авиокомпанијата ‘Виз ер‘, и тоа од Скопје до Бари и Стокхолм преку летовите кои ќе почнат на 27 октомври, а истиот ден ќе започне и авиорутата Охрид-Базел. Ден подоцна, на 28 октомври, главниот град се поврзува со Мадрид и Ларнака, а од 15 декември и со Прага и Келн. Дополнително, од 3 ноември ‘Изиџет‘ повторно ќе го поврзе Скопје и Женева. Очекувам голем број патници да привлечат и новите летови кои се веќе најавени за идната година, и тоа од Скопје до Будимпешта и до Неапол, кои ќе почнат од 30 март и од Охрид до Милано на 30 март, Вроцлав на 7 јуни и до Катовице на 8 јуни“, вели Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Според статистиката на „ТАВ Македонија“, само во септември двата македонски аеродрома опслужиле 329.523 патници, што е 8% повеќе споредено со истиот период минатата година, а биле реализирани 2.422 летови, што е за 1% повеќе од лани.
Стабилниот пораст во првите девет месеци го докажува и дневниот просек на патници. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужувал 8.687 патници, што е за 5,7% повеќе од лани, а преку охридскиот, дневно патувале по 767 патници, што е за 16.3% повеќе споредено со минатата година.
Истанбул повторно е најфреквентната дестинација од меѓународниот аеродром „Скопје“ до двата аеродрома „ИГА“ и „Сабиха Гокчен“ со пазарен удел од 16,9%. Потоа следуваат Базел-Милуз (6,1%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,6%), Виена (4,2%), Минхен-Меминген (4,1%) и Дортмунд (4,1%).
Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови се Турција (25,1% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Германија (24,7%), Швајцарија (10,9%), Италија (5,2%) и Австрија (4,4%).