Обвинетиот Сашо Мијалков за незаконско купување на плацевите на Водно за братучедот Никола Груевски, по сведочењето на Александар Ивановски, во кое тој кажа дека сè што правел за тајно купување на плацевите и становите на Груевски, правел по негови насоки, го испрашуваше лично, без адвокати, на денешното судење.
„Сведочеше дека сум ти рекол оти сум те упатил да бидеш основач на фирма ‘Сирах’ во Скопје, ќерка на истоимена офшор фирма од Белизе”, почна Мијалков со вкрстеното испрашување, врз база на одговорите на директно поставените прашања на обвинителката Лиле Стефанова претходно.
„Да, ми рече: ‘Молим те, за мој пријател е’”, одговори сведокот Ивановски, познат како Алек Теранова, коментирајќи како точно всушност рекол.
„Алек, одговараш само на тоа што те прашувам. Ти немаш искуство, не ти посакувам да имаш”, му рече Мијалков.
„Дали ти Алек имаш некаков материјален доказ дека јас сум ти се јавил да отидеш таму и да се потпишеш како основач?”, продолжи обвинетиот Мијалков.
„Каков доказ, транскрипт сакаш? По телефон беше, немам материјален доказ, нормално”, рече сведокот.
„Кажавте сте потпишале готова документација за основање фирма-ќерка на офшор компанија. Дали е можно таа да била претходно основана?”, праша обвинетиот.
„Не знам, не можам точно да кажам кога е основана”, одговори сведокот.
Мијалков и за второто, и за идното јавување на сведокот, бараше докази од него дека навистина му се јавил.
Алек Теранова му одговори: „Па за тоа требало да сум ги снимал сите наши разговори, нели?”.
На ова Мијалков ладнокрвно му кажа: „Значи немаш докази дека сум ти се јавувал”.
„А дали имаш доказ дека сум ти се јавил да отидеш во општина Центар да видиш дали плацот на Водно е во ДУП-от и во ГУП-от?“, праша пак Мијалков.
„Не“, одговори сведокот.
Потоа Мијалков прочита исказ на сведокот даден во Обвинителството, според кој кажува дека контактирал со Груевски, во насока дека тоа што тврди сведокот дека за плацевите „трчал” по замолници на Мијалков, не е точно.
„Да, сум контактирал со Груевски и како градежник, во три наврати за Телеком зградата во 2010 и уште на две средби за фасадата на хотел Мериот. Друго средби не сум имал. Но, Груевски за плацот на Водно никогаш не ми се јавил, ниту некогаш сме се сретнале за плацевите”, одговори сведокот, кој тврди дека за плацевите и за двата стана му правел услуга на Мијалков, негов тогашен добар пријател.
- ЕДНИОТ СТАН НА БИХАЌКА ГО ПЛАТИ ГРУЕВСКИ, АМА НЕ САКАШЕ ДА БИДЕ НА НЕГОВО ИМЕ, А ДРУГИОТ ГО ПЛАТИВ ЈАС, СВЕДОЧЕШЕ БИЗНИСМЕНОТ АЛЕК ТЕРАНОВА
- ПОСРЕДНИКОТ ЗА ПЛАЦЕВИТЕ НА ВОДНО СЕ НАДЕВАШЕ НА ПРОВИЗИЈА, АМА МУ КАЖАВ ДА НЕ СЕ МЕШАМЕ ОТИ ИМАМЕ РАБОТА СО МОЌНИ ЛУЃЕ, СВЕДОЧЕШЕ АЛЕК ТЕРАНОВА
Мијалков, според тврдењата на сведокот, никогаш не му кажал кој е тајниот пријател за кој бара услуги, тој сам сфатил од бомбите и од соседите на становите што ги „купила” неговата секретарка, дека се на Никола Груевски.
Но, сведокот по овој, од адвокатската канцеларија Чукиќ-Марков, кажа дека Ивановски кога дошол во канцеларијата, кажал: „Груевски ме праќа. За Груевски е оваа фирма-ќерка на таа од Белизе што сакам да ја основам во Скопје”.
На прашање на Мијалков, адвокатот кажа дека тој апсолутно никогаш не му се јавил за плацеви за Груевски.
Со тоа, обвинителката Стефанова помина две точки од обвинението. Едниот сведок кажа дека работел по насока на обвинетиот Мијалков, вториот дека обвинетиот Груевски стои зад скриеното купување плацеви со пари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
За Мијалков, освен тоа дека се јавил на бизнисменот и градежник Алек Теранова за да регистрира фирма за купување плацеви за Груевски, нема во обвинението натамошни други забранети активности. Веројатно поради тоа обвинет е само за помагање во перење пари.
Случајот „Плацеви на Водно“ е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.
Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.
С. К. ДЕЛЕВСКА