ЗА ДА СЕ ИСКОРЕНИ АПСОЛУТНАТА СИРОМАШТИЈА ПОТРЕБНИ СЕ 250 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕ

    ЗА ДА СЕ ИСКОРЕНИ АПСОЛУТНАТА СИРОМАШТИЈА ПОТРЕБНИ СЕ 250 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕСпоред студијата на „Фајнанс тинк“ сегашниот систем на социјална помош нема голем ефект во намалување на сиромаштијата (Фото:СДК.МК)

    За да се искорени апсолутната сиромаштија, односно за да нема луѓе во Македонија кои живеат со помалку од 5.000 денари месечно, буџетскиот трошок за социјална помош треба да биде 250 милиони евра или 2,5 пати повеќе од моменталниот систем на социјална помош за кој се одвојуваат 100 милиони евра годишно. Ова го покажува истражувањето „Ремонт на системот за социјална помош преку воведување на минимален гарантиран доход“ поддржано од Институтот за економско истражување и политики „Фајнанс тинк“.

    Според ова истражување, сегашниот системот на социјална помош во Македонија ја намалува веројатноста за сиромаштија само за околу три-четири процентни поени. Слабиот ефект на социјалната помош се должи на нискиот износ на помошта, на неинформираноста и немање пристап на најзагрозените лица да користат социјална помош, а самиот систем се состои од 16 видови помош, чие администрирање е комплицирано и недоволно кооординирано.

    Студијата изработена од двајца уневерзитетски професори нуди три шеми за воведување гарантиран минимален доход и според сите три шеми директниот ефект на намалување на сиромаштијата е многу поголем.

    Според првата шема социјалната помош семејство составено од двајца родители и две деца ќе добие максим социјална помош од 10.800 денари, а според втората шема 9.660 денари, ако нивниот вкупен приход е помал од овие суми. Ако имаат некој доход под овие прагови, според двете шеми ќе може да ја добијат разликата од овие суми.

    „Специфичноста на овие две шеми е дека семејствата би добиле максимален надомест кој не ја надминува минималната плата, што е од суштинско значење за да не дојде до нарушувања на пазарот на трудот“, велат од „Фајнанс тинк“.

    Со третата шема опфатени се семејствата со вкупен приход под 15.300 денари, но помошта е условена со активност на пазарот на труд.

    „Според оваа шема семејството има право да добие надомест еднаков на 50 до 70 отсто од заработениот доход од работа, во зависност од бројот на деца, а најмногу до 9.000 денари. Со ова семејствата ќе бидат поттикнати да ги пријавуваат сите заработени доходи, особено оние добиени во готовина и ќе се спречи поединците да ја намалат понудата за работа. Семејствата кои не остваруват никаков доход ќе добијат надомест на нивото на апсолутната сиромаштија зголемена за 30 отсто, по член на домаќинството. За стандардно семејство од 4 члена, ова би значело трансфер од 5.850 денари, што е на слично ниво со сегашното ниво на социјалната паричн помош од 5.973 денари“, велат од „Фајнанс тинк“.

    Според студијата секоја од трите шеми ја намалува релативната сиромаштија за околу 10 процентни поени, споредено со состојба во која било каква помош не би постоела, или за двојно повеќе споредено со сегашниот систем на социјална помош.

    „Сметано според семејства, сиромаштијата би се намалила од 3,1 отсто на 21,1 отсто, додека сметано според домаќинства, од 25,7 отсто на 15,7 отсто. Се препорачува на Владата и Министерството за труд и социјална политика да ги земе предвид трите дизајни и нивните проценети ефекти и да размисли за воведување шема за гарантиран минимален доход во Македонија“, велат од „Фајнанс тинк“.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира