ЗА ДВЕ ГОДИНИ ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОСТАНАТ САМО 13 МАТИЧНИ ПЕДИЈАТРИ

    ЗА ДВЕ ГОДИНИ ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОСТАНАТ САМО 13 МАТИЧНИ ПЕДИЈАТРИОд 220 лекари кои дипломирале на Медицинскиот факултет во Скопје, 173 побарале потврда од Лекарската комора за ислеување во странство. - Параклис во кругот на Скопскиот клинички центар (Фото: М.Златевска)

    За две години во земјава ќе останат само 13 матични педијатри, а за три години скоро половина од матичните лекари ќе се пензионираат, оти просечната возрасна граница на избрани доктори е 58 години.

    Во моментов во Македонија работат 1.570 општи матични лекари, 147 матични гинеколози и околу стотина педијатри.

    „Најалармантана е состојбата во педијатрија, каде до 2020 година ќе останат само 13 доктори во цела држава. Сите специјалисти се повозрасни и се пред пензионирање. Друг проблем е што и дел од матичните лекари и самите се со нарушено здравје, со карциноми и други болести и мора да се преземат мерки, за да не се доведеме до ситуација да останеме без матични лекари“, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари.

    Таа вели дека мора да се стимулираат младите лекари да не заминуваат во странство, да се стимулираат и матичните лекари со поголема капитација и подобри услови за работа, а за да се премости јазот од недостиг на доктори да се намали периодот за специјализација од пет на три години.

    „Бевме на средби во Министерството за здравство и во Фондот за здравствено осигурување и побаравме капитацијата да се зголемува секоја година за 10 отсто, бидејќи од 2001 година досега е зголемена само за 10 денари, односно од 45 на 55 денари. Исто така баравме да се воведе и манипулативен трошок, како и да се намали специјализацијата од пет на три години, особено за педијатрија, каде состојбата е најалармантна. Шест години наназад предупредувавмеме и бараме да се преземат мерки, но досега ништо не е направено посериозно за да се стимулираат младите лекари“, вели д-р Чолакова Дервишова.

    Во моментов има градови каде има само по еден матичен лекар, односно во Дојран има само еден, во Македонска Каменица двајца, а во Берово од четворица лекари за пет години ќе нема ни еден. Има и цели градови без ниту еден матичен педијатар.

    Д-р Калина Старделова Гривчева претседател на Лекарската комора на Македонија, кажа дека Комората ги подржува лекарите во нивните барања.

    „Како комора стоиме зад лекарите и зад сите нивни барања. Старосната граница на матичните доктори е 59 години. Со оглед на тоа дека со 62 години жените одат во пензија, ние за три до пет години ќе имаме проблем со бројот на матични лекари, ако ништо не се направи во смисла тие луѓе да се стимулираат и да останат овде и да бидат доктори, а не да се иселуваат“.

    Д-р Гривчева вели дека луѓето што се школуваат тука, треба да се стимулираат да останат дома и соопшти алармантен податок:  „На Медицинскиот факултет во Скопје секоја година дипломираат 220 доктори, а кај нас во комората даваат барање за иселување во странство 173 доктори“. Таа вели дека во комората немаат точен податок колкумина завршуваат на Штипскиот и Тетовскиот факултет за медицина.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира