Се забележува зголемување на бројот на заболени од грип кој е над неделната граница за средна активност, рече денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), д-р Марија Андоновска. Според неа, резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенцата покажуваат дека има широка географска активност на грипот, а процентот на позитивност е над границата од 10 проценти пет недели по ред.
Во периодот од 5 до 9 февруари годинава, во Македонија се пријавени 2.880 случаи на групни пријави за заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е за 5,1 процент помалку во споредба со претходната недела кога бројот на регистрирани случаи бил 3.036 наспрема сегашните. Најголем број од пријавените заболени се од Скопје, 692 лица, во Струмица 333, во Битола 304, во Свети Николе 158, во Охрид 141, во Радовиш 122, во Велес 140, во Куманово 109. Во останатите градови низ земјава бројот на заболени е под 100 лица.
„Македонија има висок интензитет на вирусот на грип во овој период. Помалку од претходната недела, но во однос на истата оваа недела од минатата сезона кога бројот бил само 1.875, сега имаме зголемување за дури 53,6 проценти. А во споредба со шестата недела во последните 14 сезони кога бројот бил 2.585, зголемувањето оваа недела споредбено со претходниот период од 14 сезони е за 11,4 проценти. Пријавената инциденца е над неделната граница, на средна активност на вирусот на грип“, изјави д-р Андоновска.
Во однос на возрасната дистрибуција, 1.552 лица се на возраст помеѓу 15 и 64 години, 685 кај деца на возраст од 5 до 14 години, 317 кај деца на возраст од нула до 4 години и 217 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години.
Андоновска нагласи дека во однос на вкупниот број оваа сезона на случаи на грип, заболени се вкупно 11.614 лица. Во споредба со истиот период минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 10,2 проценти. А во однос на последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 11,8 проценти.
Директорката апелираше да се следат препораките кои се однесуваат за превенција во однос на заболувањата на грип и слични на грип и доколку се констатира дека некој е заболен да ги следи општопознатите препораки како самоизолација и консултација со матичен лекар.