Покрај пратеничката од СДСМ и потпретседателка на Собранието Фросина Ташевска-Ременски, осомничени во новата истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција се и Јасна Мандиќ, заменик-претседател на Меѓународниот сојуз, и Миле Јовановски, таткото на Бојан Јовановски-Боки 13, како и асистентката на Мандиќ, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори од обвинителството.
Како што соопшти Јавното обвинителство, вкупно се осомничени пет лица, а за едно се бара притвор. Неофицијално, станува збор за осомничената Јасна Мандиќ, која, заедно со Миле Јовановски, се сопственици на телевизијата „1ТВ“. Првоосомничен е Боки 13, кој е во притвор од 15 јули за случајот „Рекет“. За останатите тројца осомничени се бараат поблаги мерки на претпазливост.
Истрагата отворена денеска е во делот на измамите со наводна изградба на старечки домови од страна на Меѓународниот сојуз на Боки 13. Измамени се бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, кои му платиле 719.905 евра и 233.821 евра на Боки 13. Двајцата веќе беа на распит кај Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
За првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13 постои основно сомневање дека сторил продолжено кривично дело „Измама“ предвидено и казниво по член 247 став 4 во врска со член 45 и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 став 1 од Кривичниот законик. Останатите лица се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело „Измама“ по член 247 став 4 во врска со став 1 во врска со член 24, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 став 1 во врска со член 24 од Кривичниот законик.
С. К. ДЕЛЕВСКА