ЗА МЕРЦЕДЕСОТ ИМАШЕ САМО ЕДНА ПОНУДА, СВЕДОЧЕШЕ ШЕФОТ НА КАБИНЕТОТ НА ЈАНКУЛОСКА

    ЗА МЕРЦЕДЕСОТ ИМАШЕ САМО ЕДНА ПОНУДА, СВЕДОЧЕШЕ ШЕФОТ НА КАБИНЕТОТ НА ЈАНКУЛОСКАПоранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за судењето за предметот „Тенк“. (Фото: М. Златевска)

    Киро Тодоровски, шефот на кабинетот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како сведок на Специјалното јавно обвинителство, потврди дека имало само една понуда за набавка на блиндиран мерцедес, во случајот “Тенк”. Тој одговараше на прашања како член на тогашната ад хок формирана комисија во МВР за набавка на мерцедесот. Тој рече дека постапката за јавната набавка била во целост законска и единствената понуда одговарала на наведените специфики во огласот.

    Тодоровски е без пасош, зашто е обвинет во најголемиот случај на СЈО “Титаник”, кој почнува на 2 април. Сања Алексиќ, која беше негова адвокатка во Апелациониот суд Скопје кога беа барани мерки против него, на денешното судење е адвокатка на второобвинетата во „Тенк” Гордана Јанкулоска. Првообвинет е поранешниот шеф на јавните набавки во МВР Ѓоко Поповски.

    Експремиерот Никола Груевски, по чија желба и нарачка бил купен скапиот мерцедес, е третообвинет, за примање награда за противзаконито влијание. Користејќи го тоа дека сега бил вработен во Агенцијата за разузнавање, првин сведокот Тодоровски, а потоа и адвокатите на Груевски побараа од судијката Добрила Кацарска од Основниот суд Скопје 1 да ја отстрани јавноста поради можни класифицирани информации, но таа не го дозволи тоа. Се спротивставија специјалните обвинители Стевчо Донев и Гаврил Бубевски, кои рекоа дека ниту во истрагата, а ниту сега, на овој сведок нема да му бидат поставувани прашања со класифицирани одговори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира