Само кабинетот на експремиерот Никола Груевски без критериуми потрошил 38 милиони евра буџетски пари на граѓаните за пропаганда на телевизиите, кажа денеска портпаролот на Владата Миле Бошњаковски. Станува збор за кампањите: Трето дете, Против абортус, Истражи ја Македонија, Ден на дрво, Ден на идеи и други, а во пресметката не се влезени годините 2006, 2007 и 2016, бидејќи, како што кажа Бошњаковски, не можеле да ги пронајдат документите од овие години. Исто така, во пресметката не се влезени кампањите на министерствата, па можно е сумата да биде многу повисока.
Според презентираното од Бошњаковски, 15 милиони евра се потрошени на продукција на кампањите, 200 илјади евра на истражување на јавното мислење и 23 милиони евра за закуп на време за реклами во електронските медиуми.
„Новата влада ја прекина оваа негативна појава и владата веќе нема да биде најголем маркетинг огласувач во земјата“, изјави Бошњаковски.
Тој не сакаше да открива имиња на телевизиите, бидејќи, како што рече, почнува предизборната кампања за локалните избори и тоа би било нарушување на тој процес.