Поголема контрола на квалитетот на лековите што во земјава влагаат со паралелен увоз, а Агенцијата за лекови ќе може да набавува лекови со дозвола и под контрола на Министерството за здравство. Ова се клучните измени на Законот за лекови и медицински помагала, кажа министерот за здравство Венко Филипче на јавната расправа „Ефекти од примената на паралелниот увоз на лекови“, што денес се одржа во собраниската Комисија за здравство.
Тој кажа дека при увоз на лекови со паралелен увоз од увозникот ќе се бара да достави сертификат за квалитетот на лековите од производителот, како и уште еден сертификат за квалитет од референтна лабораторија од земјава и странство.
„Со овие промени сигурни сме дека ќе обезбедиме квалитетни лекови и дека ќе ги вратиме големите фармацевтски компании, кои си заминаа од нашата земја. Тие не се само производители на лекови, туку ја туркаат напред целата медицина со нови терапии“, кажа Филипче.
По забелешката од проф.д-р Зоран Гучев од Клиниката за детски болести дека инсистирањето на сертификат за квалитет од производителот нема да биде доволен, ако тој е за една серија лекови, а во земјава се увезе друга серија лекови за кои нема сертификат, министерот кажа дека ќе бараат сертификат за квалитет на секоја увезена серија лекови, како и запазување на ладниот ланец на транспорт на лековите од производителот до пациентите.
Пациентите со дијабетес кои учествуваа на јавната расправа кажаа дека од досегашната примена на паралелниот увоз на лекови 40.000 лица зависни од инсулин постојано стравувале за својот живот, бидејќи не биле сигурни во квалитетот на лекот што го примаат, а често се случувало и да останат без терапија оти увозникот немал обврска навреме да достави нови количини од лекот.
„Тој проблем ќе го решиме во самата тендерска постапка за набавка на инсулин, каде ќе ставиме обврска тој што ќе победи на огласот да мора да обезбеди и задолжителна резерва од лекот за да не се случуваат повторно инсулински кризи. Тоа ќе се однесува и на набавка и на другите лекови“, кажа Филипче.
Весна Алексовска, од здружението на лица со ретки болести „Живот со предизвици“, кажа дека пациентите со ретки болести биле едни од најпогодените од негативните последици на паралелниот увоз, бидејќи неколку месеци по примање на лек донесен од Турција со паралелен увоз 14 годишно девојче со ретката болест Гоше добила анафилактички шок додека ја примала терапијата со инфузија.
„Потоа 7 месеци не оставија без терапија, а потоа ни го донесоа лекот директно од производителот како што го примавме дури бевме на програмата за донација. Сега нема никаков проблем. Мене ништо не ми значат овие сертификати. Пациентите се плашат дека можеби некој ќе препакува фалсификат лек во оригиналното пакување од производителот. Според мене како што беше донесено ова законско решение за паралелниот увоз, така треба и да се поништи или пак да се тргнат земјите од кои доаѓа сомнителен увоз“, рече Алексовска.
Е. БОЧВАРОСКА