За купување цигари се троши 13, 2 отсто од семејниот буџет на домаќинствата со пушачи во земјава, покажа истражувањето „Ефектот на истиснување на потрошувачката на тутун врз буџетот на домаќинствата во Македонија“ и „Влијанието на цените на цигарите и политиките за контрола на тутунот врз иницијацијата со пушење кај младите“ на „Аналитика тинк танк“ од Скопје.
Презентирајќи го истражувањето, Тамара Мијовиќ-Спасова кажа дека во Македонија, процентот на пушачи кај возрасните изнесува 48,4%, домаќинствата со пушачи издвојуваат 13,2% од своите буџети на цигари, што е значително зголемување од 10,3% во 2018. Сите овие статистики, вели таа, имаат ефект на „истиснување“ на семејниот буџет што предизвикува пораст на сиромаштијата.
„Податоците од ‘Аналитика’покажуваат поразителни резултати односно тие говорат дека страста за цигарите и другите тутунски производи го исцрпуваат семејниот буџет на сметка на буџетот потребен за храна, образование и здравје особено кај семејствата со ниски примања. Дополнително, фрапантно е што истражувањата покажуваат дека цигарите го поттикнуваат трошокот на алкохолни пијалоци односно непушачките семејства за алкохол трошат 1,1% под нивниот семеен буџет, додека семејствата со пушачи трошат високи 12,5% за алкохол. Ако се земат во предвид сите анализи точно се воочува дека трошењето на семејните буџети за тутунските производи предизвикуваат продлабочување на сиромаштијата“, рече Мијовиќ-Спасова.
На панел- дискусија на тема „Контрола на тутунот за подобро јавно здравје, заштита на младите и благосостојба на домаќинствата“, директорката на Институтот на јавно здравје (ИЈЗ) Марија Андоновска рече дека според нивните статистики 45,4% од граѓаните се активни пушачи, а тоа е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25%.
„Според Светската здравствена организација (СЗО), трошоците за цигари изнесуваат 38 милијарди денари годишно што е црвен аларм за преземање итни мерки за намалување на оваа загуба. Ние како Институт за јавно здравје отворивме бесплатна телефонска линија за откажување на пушење и навистина имаме доста повици. Во таа насока, ќе продолжиме да инвестираме од одредени активности кои ќе донесат резултати на ова поле“, кажа Андоновска.
За истражувањето, Надежда Шопова-Трајковска од Царинската управа рече дека контролата за увоз е исто така значаен фактор за употребата на тутун и производите на тутун во државата. Таа кажа дека од 2025 па до 2030 Царинската управа планира зголемување на акцизите на тутунските производи.
„Секој 1 јануари акцизата на цигарите ќе се зголемува за 0.23 денари, на пурите 2 денари по парче, тутунот за пушење 150 денари по килограм, несогорливи тутунски производи на кило по 350 денари, 0,02 денари по милилитар за течниот тутун. Со овие мерки, се очекува до 2030 да бидеме усогласени со минималните стапки во Европската Унија. Преку царинските контроли од 1 јули 2024 година Царинската управа наплатила приходи од 54,6 милиони денари што е силен показател дека сме силно посветени на регионалната интеграција и легалната трговија“, рече Трајковска.
Докторите од Клиниката за пулмологија и членови на Македонското респираторно здружение апелираа за поригорозен Закон зa заштита од пушење, оти според најновата статистика, 45 отсто од популацијата во Македонија пуши цигари. На 20 ноември, Светскиот ден на хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), лекарите рекоа дека пушењето е главен ризик фактор за оваа болест.
„Апелираме да се направат сериозни чекори повторно да се врати Законот за пушење бидејќи кај нас, не само пушачите што се одговорни за својот живот, туку се одговорни за животот на другите луѓе кои не пушат, особено на младите деца… Апелираме и како Клиника и како Македонско респираторно здружение за зголемување на ригорозноста и конечно да се забрани не само користењето на тутунот, туку и на користењето на сите видови на електронски цигари и тие да имаат еднаков третман и во смисла на даноци, оданочување и во смисла на користење и во смисла на рекламирање и продавање. Гледаме реклами и штандови кои во изобилие нудат на нашите деца вакви средства кои предизивкуваат зависност“, рече тогаш д-р Марија Здравевска.
Во март 2018, по предлог на пратениците на СДСМ во Собранието беа изгласани измените со кои се дозволи да се пуши на тераси, бавчи и платформи надвор од угостителските објекти и кога тие се затворени поради временските услови. Со првичниот Закон, донесен од власта на ВМРО-ДПМНЕ, терасите не смееја да бидат целосно затворени односно застаклени туку мораше да бидат отворени од едната страна.
Б. НЕСТОРОСКА