Функционалноста на јавната администрација е едно од клучните прашања и предизвици со кои треба да се справат надлежните институции и Владата на Северна Македонија, вели австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер. Со амбасадорт Памер и аташето за социјални прашања, здравство, нега и заштита на потрошувачи во Австриската амбасада, Харалд Бреза-Фугер, разговаравме за социјалните права на децата, за време на нивната посета на Дневниот центар „Гнездо“ во Скопје за деца во социјален ризик, деца жртви на семејно насилство, сиромашни, на улица, деца на родители-зависници.
Центарот лани во мај го отвори невладината организација „Новинари за човекови права“, со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија, а во соработка со невладината ЕКПАТ Австрија. Ова е прв центар од ваков тип во Македонија. Наташа Доковска од Здружението ни рече дека Центарот „Гнездо“ работи во текот на неделата од 9 до 17 часот, вкупно се запишани 106 деца, од кои редовно доаѓаат 35, тука добиваат појадок и ручек.
Бреза-Фугер вели дека она што недостасува во Македонија е непречено финансирање за проширување и за одржливо финансирање на овие услуги.
„Исто така, кадрите во областа на заштитата на децата во центрите за социјална работа се далеку од доволни, особено во општините како Шуто Оризари или други области. Знаеме дека во моментот тече реформа во Центрите за социјална работа поддржана од УНИЦЕФ, и тие работат на концепт за подобрување на ситуацијата, условите за работа, но и платите на вработените во Центрите за социјална работа. Сепак, би рекол дека предизвиците се сѐ уште големи. Особено што се однесува до ромската заедница, потребни се многу напори. Сметам дека овој проект на ‘Гнездо’ и други проекти финансирани од австриското Министерство за социјална политика се примери за добра пракса кои покажуваат дека инклузијата е можна, дека намалувањето на сиромаштијата е можно, но тоа треба да се направи на посистематски начин, а исто така и доволното финансирање е едно од најважните прашања“, ни рече Бреза-Фугер.
Амбасадорот Памер вели дека е многу важно што Австрија, во рамките на целокупната билатерална соработка, но и во рамките на поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон интеграција во Европската Унија, е ангажирана во реализација на многу конкретни проекти на ниво на граѓаните, од повеќе области како: социјалните прашања, здравството, но и трудот, туризмот и инфраструктурата, противпожарната заштита и образование.
За проектот „Гнездо“ се издвоени 500.000 евра за две години додека за сите проекти што моментално се реализираат, вкупната финансиска поддршка изнесува околу 1 милион евра.
„Проблемот не е толку во недостигот на финансиски средства, иако и тоа е присутно. Северна Македонија потенцијално има пристап до значителни финансиски средства и поддршка во многу различни области. Меѓутоа, меѓу сите овие прашања се наметнува и прашањето како да се управува со процесите, односно проблемот со јавната администрација. Таа, во одредена смисла, истовремено е и преголема и недоволно екипирана, во смисла дека нема соодветен број компетентни луѓе, кои се соодветно платени, посветени на својата работа и способни да ја организираат државата. Тоа е модел што во Австрија успешно функционира веќе подолг временски период. Секако, нашата ситуација е различна, бидејќи ние имавме многу помалку транзициски периоди и слично. Едно од главните прашања при реализацијата на конкретни проекти е обезбедувањето финансиски средства, а потоа и нивното претворање во конкретни активности преку луѓето што треба да ги спроведат. На прв поглед, тоа изгледа многу едноставно, но кога ќе започнете со реализација, работите веќе не се толку едноставни. Во суштина, она што се случува е дека дури и во рамките на мојата функција, честопати морам секојдневно или на неделно ниво да се осигурам дека луѓето навистина ги извршуваат своите работни задачи“, вели амбасадорот.
Македонската платформа против сиромаштија (МППС), на 17 Октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, објави дека речиси 22 отсто од граѓаните во Македонија живеат под линијата на сиромаштија . Според нивните податоци, 29,5 отсто од децата живеат во сиромаштија, а 38 отсто од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови ризични по здравјето, учењето, безбедноста и развојот на самото дете.
Б. НЕСТОРОСКА



