Од Буџетот на Македонија на политичките партии кои освоиле минимум 1,5 отсто од вкупниот број на излезени гласачи на предвремените парламентарни избори на 11 декември ќе им бидат исплатени 274.882 евра.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 454.577 гласови, и според неофицијалните пресметки, ќе добие 110.872 евра.
Коалицијата на СДСМ освои 436.981 гласови и на сметка ќе им легнат 106.580 евра. ДУИ освои 86.796 гласови и ќе земе 21.169, ДПА со освоени 30.964 гласови ќе добие 7.600 евра. Алијансата за Албанците доби 35.121 гласа и ќе земе 8.566 евра. Пари од Буџетот ќе добијат и ВМРО за Македонија, која освои 24.524 гласови и ќе добие 5.981 евра, а движењето БЕСА со освоени 57.868 гласови ќе добие 14.114 евра.
Од партиите кои учестуваа на изборите, а нема да добијат пари се коалицијата за Правда и Промени, Левица, ПДП и Либералната партија. Тие не го освоија минимумот од 1.5 отсто гласови потребни за да може да добијат средства од Буџетот.
Во Изборниот законик, во делот за надоместот за трошоци за избори, стои дека право на надоместок на трошоци за избори имаат учесниците во изборната кампања од чии листи на кандидати се избрани кандидат за претседател на Републиката, кандидати за пратеници, членови на совет, односно кандидат за градоначалник во висина од 15 денари по добиен глас.
Право на надоместок на трошоци за избори имаат учесниците во изборната кампања од чии листи на кандидати не е избран кандидат за претседател на Републиката, кандидат за пратеник, кандидат за член на совет, односно кандидат за градоначалник во висина од 15 денари по добиен глас ако освоиле најмалку 1,5% од вкупниот број на гласови од излезените граѓани на ниво на Републиката, изборната единица односно општината. Надоместокот на трошоците за избори ќе се исплати од Буџетот, односно од буџетот на општината и на градот Скопје, најдоцна во рок од три месеца по поднесувањето на финансискиот извештај за изборната кампања, врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за спроведените избори.