Министерите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков, велат дека говорот на омраза меѓу двата народа не може да исчезне одеднаш, но со чести средби и соработка тоа ќе се постигне. Тие денеска на заедничка прес-конференција кажаа дека Македонија и Бугарија заеднички ќе го слават Свети Климент Охридски и дека историските комплекси не треба да ја одредат иднината.
„Ќе положиме цвеќе во знак на почит пред споменикот на Свети Климент Охридски, тој е еден од најпознатите ученици на светите браќа свети Кирил и Методиј кои ние ги почитуваме и го почитуваме нивното дело. Долг е процес, но тенденцијата е да оди на подобро. Напорот постои од двете страни. Очигледно е дека имаме неизживеани историски комплекси, неизживеани историски проблеми кои се проектираат во сегашноста и важно е да не дозволиме да ја одредат нашата иднина“, кажа Милков кој денеска беше учесник на Бизнис форумот Македонија – Бугарија во Скопје.
Милков кажа дека бугарските клубови во Македонија треба да се зголемат и очекува земјава да обезбеди услови за нивно нормално функционирање.
Министерот Османи кажа дека најдобриот начин на спречување на говор на омраза е ако доминира позитивниот говор меѓу двете држави.
„Токму тоа го правиме денес со овој форум. Треба да се гледаме често, да комуницираме постојано, да не дозволиме некој друг да ни наметне лоша агенда. Ако оставите празен простор некој друг ќе ви го пополни. Не може да игнорираме дека имаше провокации од двете страни, од иредентистички изјави на политичари од Бугарија до изјави на наши политичари и напад на клубови на бугарски здруженија во нашата земја“, кажа Османи, додавајќи дека не очекуваат за една вечер да изградиме идеални односи со Бугарија.
На форумот организиран од Министерството за надворешни работи учествуваат над 150 претставници на бизнис заедницата на најголемите компании од двете земји, преставници на стопански комори, како и економски ресорни институции од двете држави.
А. АНТЕВСКА