Назначувањето на поранешниот командант на ОНА Џезаир Шаќири – Хоџа за советник на премиерот Зоран Заев, предизвика загриженост и кај Амбасадата на САД во Скопје. Шаќири е вториот советник на Заев по Љубе Бошкоски, кој се наоѓа на листата на санкционирани индивидуи и ентитети од Балканот на американското Министерство за финансии, листа чија што важност за уште една година ја продолжи претседателот Доналд Трамп минатиот јуни.
„Ние ја изразивме нашата загриженост до Владата на РМ бидејќи сметаме дека назначувањата на одредени функционери претставува проблем“, изјавија од Амбасадата на САД за ТВ21, додавајќи дека тоа сепак не е ненадминлива пречка за работните односи меѓу амбасадата и владата и на претставниците на амбасадата не им се забранува да имаат работа со лица што се на листата.
Според објаснувањето на Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии, личностите и ентитетите на т.н. Црна листа се санкционираат, меѓу другото, поради „загрозување, или помагање, спонзорирање, или поддржување на екстремистичко насилство во Република Македонија или на друго места во Западниот Балкан“ и „го загрозиле мирот или ги намалиле безбедноста и стабилноста во овие области и поширокиот регион, ги потцениле авторитетот, напорите и целите на ОН, НАТО, и други меѓународни организации“.
Заев за назначувањето на Хоџа за советник за внатрешната безбедност и борба против радикализмот кажа дека тој чесно ќе си го заработува лебот бидејќи издржува многудетно семејство.
За Бошкоски, кој е советник за странски инвестиции, од Владата кажаа дека е единствениот кој ги исполнувал условите на конкурсот.