ЗАЕВ ГО СНИМАЛЕ ДОДЕКА ПРЕГОВАРАЛ ДА ОБЕЗБЕДИ МНОЗИНСТВО ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

    ЗАЕВ ГО СНИМАЛЕ ДОДЕКА ПРЕГОВАРАЛ ДА ОБЕЗБЕДИ МНОЗИНСТВО ЗА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВОМилошоски го обвини Заев дека договарал одлуки на Врховниот суд и дека имал блиска соработка со Катица Јанева. - Зоран Заев; Антонијо Милошоски (Фото: СДК.МК)

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски денеска објави снимка со гласот на Зоран Заев, за која лидерот на СДСМ вели дека е направена за време на некој од состаноците со опозицијата од албанскиот блок на партии и со Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во обид да се обезбеди двотретинско мнозинство за Законот за Јавно обвинителство.

    Милошоски, на прес-конференцијата во партиското седиште, кажа дека снимката е направена на состанок во Владата во мај 2019, на кој присуствувале „Заев, едно од лицата опфатени со ’Рекет‘ и непознато лице“, но на снимката го има само гласот на Заев, а дел од речениците се прекинати.

    Во снимката на Милошоски, за која тој рече дека ја добил од анонимен укажувач, Заев зборува за одлука на Врховниот суд, а веројатно станува збор за Начелното правно мислење од 30 јануари 2019, со кое се укинуваат предметите на СЈО за кои не е поднесено обвинение до 30 јуни 2017. Потоа Заев ги споменува неправосилно разрешениот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски и обвинетата во „Рекет“ поранешна специјална обвинителка Катица Јанева. Заев зборува и за бомбите, кои што според сега веќе донесениот Закон за Јавно обвинителство не може да се користат како докази, туку само како индиции.

    Милошоски, врз основа на снимката што ја објави, го обвини Заев дека договарал одлуки на Врховниот суд и дека имал блиска соработка со Катица Јанева.

    За објавената снимка, во интервју за порталот „Прес24“, Заев, кој кога го снимале беше премиер, рече дека само ја коментирал „одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за Јавно обвинителство“.

    „Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство“, кажа Заев во ијнтервјуто.

    Лидерот на СДСМ вели дека снимката што ја објави Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто требало да се донесе новиот Закон за Јавното обвинителство.

    „Со Законот за Јавно обвинителство овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно Законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции“, вели Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира