ЗАЕВ ЈА ПОВИКА АНТИКОРУПЦИСКА ВЕДНАШ ДА ГО ПРОВЕРИ ПОТЕКЛОТО НА ИМОТОТ НА СУДИИТЕ, ОБВИНИТЕЛИТЕ И НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА, ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВААТ И ЛЕКАРСКИТЕ ПОТВРДИ ЗА КУЌЕН ПРИТВОР

    ЗАЕВ ЈА ПОВИКА АНТИКОРУПЦИСКА ВЕДНАШ ДА ГО ПРОВЕРИ ПОТЕКЛОТО НА ИМОТОТ НА СУДИИТЕ, ОБВИНИТЕЛИТЕ И НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА, ЌЕ СЕ ПРОВЕРУВААТ И ЛЕКАРСКИТЕ ПОТВРДИ ЗА КУЌЕН ПРИТВОРПремиерот Зоран Заев ги повика и Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметитњ. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев ја повика Антикорупциската комисија веднаш да го испита потеклото на имотот на обвинителите, судиите и нивните семејства, како и да утврди можни конфликти на интереси. Заев, во денешната видеопорака, вели дека судството останало последната тврдина на заробената држава, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции, кои ги нарече Сваровски судски центри на моќ.

    „Антикорупциската комисија, токму сега врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата, започнувајќи од мене. И тоа е сосема во ред. Затоа, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотите и парите, на обвинителите, судиите, и нивните семејства. Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе“, рече Заев.

    Тој ги повика и Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите.

    „Мораме да обезбедиме правосудство кое одлучува, а не правосудство кое застарува предмети. Мораме да го прочистиме судството од непрофесионалните, неажурните и корумпираните. Истовремено, најавувам дека преку институциите ќе започнеме контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство“, вели Заев.

    Заев, во име на Владата, ја повика и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил.

    „Согласно законските одредби за јавност, Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од Европската Комисија, да бидат достапни во аудио верзија. Време е судството да се соочи со јавноста“, кажа тој.

    Идентично барање имаше и министерката за правда Рената Дескоска, која на прес-конференција на 15 ноември ја повика Антикорупциската комисија да го испита имотот на судиите и обвинителите и рече дека на тој начин можат да се искористат постојните законски можности за, како што рече таа, мек ветинг во правосудството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира