Членови на претседателството на СДСМ, без лидерот Зоран Заев, се очекува да пристигнат во претседателската вила на Водно и да му го предадат на Ѓорге Иванов ковертот со 67 потписи за добивање мандат за формирање влада.
„Заев засега нема намера лично да му ги носи потписите на Иванов, тоа ќе го стори преку курир, или ќе ги испрати по функционери на партијата да му ги однесат во коверт. Потоа ќе чека Иванов да го повика лично и да му го даде мандатот за нова Влада“, појаснуваат во СДСМ.
Откако Иванов ќе ги „верификува“, односно ќе се увери во писмената поддршка на лидерот на СДСМ од над 61 пратеник, се очекува да му го врачи мандатот и со тоа Заев и официјално тој да стане мандатар за формирање нова Влада.
Во меѓувреме, Демократската унија за интеграција го сторнира најавениот состанок на претседателството, на кое требаше да одлучи дали ќе влегува во Владата на Заев, или ќе ја поддржи како малцинска.
Во ДУИ за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека првин ќе чекаат СДСМ да ги однесе кај Иванов потписите, да ја слушне и види неговата реакција и одговор, па дури потоа ќе седнат да одлучиваат за нивното учество во Владата на Заев.
Кабинетот на Иванов не одговара на повиците дали очекува денеска посета од СДСМ со ковертираните потписи што ги постави тој како услов, за да му го даде мандатот за Влада на Заев, откако лидеррот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред еден месец не успеа да собере мнозинство.
Од моментот кога ќе го добие Заев мандатот, има 20 дена за одлуки и опции каква Влада ќе се формира, вели ДУИ.
С. К. ДЕЛЕВСКА