Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, во Собранието се коoрдинираат со своите пратенички групи како да настапат на денешната пленарна седница на која што на дневен ред е третото читање на Законот за употреба на јазиците.
Од власта и од опозицијата велат дека немало средба на Мицкоски и Заев со спикерот Талат Џафери за надминување на кризата, но пред 10-тина минути координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драги Данев излезе од просториите на Џафери. Од ДУИ, пак, велат дека денес нема да има расправа за законот, туку тој ќе се гласа.
ВМРО-ДПМНЕ ги повтори своите ставови дека законот е неуставен и обидот за, како што велат, насилно донесување на законот е противуставен и ќе поведат соодветни постапки. Во моментов се полни собраниската сала.
Уште не се знае кога ќе почне седницата, првично закажана за 13 часот.
Паралелно, пред Собранието се собрани граѓани кои протестираат против донесувањето на Законот за употреба на јазиците.
Г. ТРПЕНОСКИ