Премиерот Зоран Заев му ја честиташе на Себастијан Курц победата на парламентарните избори во Австрија, соопштија од Владата. 31-годишниот лидер на конзервативната Народна партија ќе стане најмлад лидер на една држава во светот по победата на вчерашните предвремени избори во Австрија.
„Во име на Владата и лично, од срце ви ја честитам победата, вам и на вашата политичка партија на предвремените парламентарни избори во Република Австрија. Република Австрија игра важна улога за стабилноста на регионот на Западен Балкан и се надевам дека заеднички, и во светлината на ЕУ аспирациите на Република Македонија, ќе придонесеме кон постабилен и просперитетен регион“, вели премиерот Заев во честитката до Курц.
Заев вели и дека за Македонија од особена важност е и продлабочување на билатералната соработка со Австрија, за што, како што вели во честитката, очекува заложби од двете страни.