ЗАЕВ НАЈАВИ ИЗГРАДБА НА КОРИДОРОТ 8, ЕУ ЌЕ ДАДЕ 70 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА

    ЗАЕВ НАЈАВИ ИЗГРАДБА НА КОРИДОРОТ 8, ЕУ ЌЕ ДАДЕ 70 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРУГАТА КОН БУГАРИЈАНа Самитот во Трст, премиерот Зоран Заев имаше и билатерална средба со германската канцеларката Ангела Меркел.(Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека е донесена одлуката да се изгради железничката пруга кон Бугарија, како дел од Коридорот 8, во неговото обраќање на состанокот на шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан во Трст, Италија.

    „Железничното поврзување на Република Македонија со Република Бугарија е пример колку ние сериозно гледаме на оваа Агенда за поврзување во регионот. Одлуката веќе ја донесе нашиот меѓународен партнер ЕБОР, за изградбата на железничката пруга Куманово-Деве Баир, како дел од Коридорот 8, на барање на Македонија“, рече Заев.

    Вкупната инвестиција за железничката пруга е проценета на 152,3 милиони евра, а Европската унија ќе учествува во изградбата со грант од 70 милиони евра, што е речиси половина од трошоците.

    На Самитот во Трст, Заев имаше и билатерална средба со германската канцеларката Ангела Меркел која изразила поддршка за новата Влада, за суштински реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ, соопштија од кабинетот на премиерот.

    „Владата е одлучна да ги спроведе потребните реформи и да ја осигура евроатлантската иднина на Македонија, а со тоа и квалитетен живот за граѓаните“, рекол Заев за време на неговата средба со Меркел.

    Канцеларката Меркел најавила поддршка од Република Германија во реформскиот и евроатлантскиот интеграциски процес. Двајцата лидери изразиле заедничка определба за продолжување и зголемување на интензитетот на соработката помеѓу двете држави.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира