Премиерот Зоран Заев рече дека Венко Филипче, на кого не му ја прифати оставката по катастрофалниот пожар во модуларната ковид болница во Тетово на 8 Септември сега ќе биде слободен да вози со него мотор, затоа што местото министер за здравство го добива новиот коалиционен партнер Алтернатива.
По објавувањето на пораснатото мнозинство од 61 на 64 пратеници, со влегувањето на партијата Алтернатива во власта, земајќи ги покрај министерствато за здравство и Министерството за информатичко општество и едно за дијаспората, лидерите Зоран Заев и Африм Гаши одговараа на прашања за збунетиот албански гласач и за местото што треба Заев да му го најде на министерот за здравство Венко Филипче.
На прашање кое место сега ќе му го најде на еден од најблиските соработници Филипче, Заев кажа дека овој голем лекарски потенцијал ќе им служи уште на потребите на граѓаните.
„Венко е мој добар пријател, ако ме прашувате каде го гледам во иднина, да ви кажам дека го гледам до мене на мотор. Сега ќе имаме повеќе време за дружба“, рече Заев кој пред новинарите кажа дека оставката и од премиерското место ќе ја депонира пред Нова Година, а дотогаш СДСМ ќе има изберено нов претседател на партијата. Следствено на тоа, кога ќе ја поднесе оставката до Парламентот, новиот лидер на СДСМ, ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, во ситуација на окрупнето парламентарно мнозинство.
На прашање, пак до Гаши, што ќе каже сега збунетиот албански гласач кога тој „договорил да си ги наполни џебовите партиципирајќи во централната власт“, а веќе кажа дека на локално ниво ќе соработува со Алијанса и ВМРО-ДПМНЕ, Гаши одговори:
„Јас како млад учествував во формирање бенд ‘Празни џебови’. Не го сметам влегувањето во политиката за полнење џебови. Се додека така мисли јавноста, успех нема да има“.
Гаши претходно вети дека нема да биде политичар што уценува, особено не за прашања од највисок интерес за државата.
„Јас никогаш нема да уценувам“, рече најновиот член на Владата.
С. К. ДЕЛЕВСКА