ЗАЕВ, ВУЧИЌ И РАМА ПОТПИШАА ПЕТ ДОГОВОРИ ЗА „ОТВОРЕН БАЛКАН“, СЕ ОТВОРА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ И СЕ НАМАЛУВА ЧЕКАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ НА МИНИМУМ

    ЗАЕВ, ВУЧИЌ И РАМА ПОТПИШАА ПЕТ ДОГОВОРИ ЗА „ОТВОРЕН БАЛКАН“, СЕ ОТВОРА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ И СЕ НАМАЛУВА ЧЕКАЊЕТО НА ГРАНИЦИТЕ НА МИНИМУМ„Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи кои го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи“, кажа Заев во Тирана. (Фото: Влада)

    Лидерите на трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“, Зоран Заев од Македонија, Александар Вучиќ од Србија и Еди Рама од Албанија, на состанокот во Тирана потпишаа пет договори, кои откако ќе бидат ратификувани во трите парламенти, ќе овозможат единствен пазар на труд за граѓаните од регионот, а чекањето на границите ќе биде сведено на минимум.

    Станува збор за Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, како и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.

    „Веднаш штом договорите бидат ратификувани во парламентите на Северна Македонија, Албанија и Србија, граѓаните од трите земји ќе се стекнат со можност слободно да се движат и да работат во секоја од нив. На овој начин ги поврзуваме нашите човечки ресурси, го окрупнуваме нашиот пазар, ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Придобивките многу скоро ќе ги почувствуваат илјадници семејства во регионот“, кажа Заев.

    Тој додаде дека со овие договори се прават крупни чекори за европеизација на нашиот заеднички регион затоа што најдобрите европски практики ги применуваме дома, бидејќи регионот е Европа.

    „Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи кои го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија“, рече Заев, кому ова му беше последен состанок од иницијативата како премиер.

    Во Тирана беше и Димитар Ковачевски, новиот лидер на СДСМ и мандатар за новата влада.

    Покрај трите трилатерални договори, во Тирана беа потпишани и билатералните договори меѓу македонската и албанската влада и меѓу албанската и српската влада за взаемно признавање на одобренија за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност.

    Со овие договори се воспоставува соработката, заснована врз заеднички стандарди и взаемно признавање на резултатите од спроведените контроли, и ќе претставува средство за олеснување на легалната трговија и ефикасно спречување на недозволената трговија и царинските неправилности во државите потписнички на Спогодбата, но и пошироко.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира