Пет нови дигитални платформи, кои ќе овозможат пристап до информации за состојбата со животната средина во земјава, наскоро ќе бидат достапни за граѓаните, кажа денеска министерот за животна средина, Муамет Хоџа.
Платформите ќе опфаќаат податоци за емисиите на загадувачите кои поседуваат А-интегрирани дозволи, локациите на дивите депонии со можност за видео надзор, како и информации за проектите што ги реализира Министерството. Предвидена е и дигитализација на архивата на институцијата, со што ќе се олесни пристапот до документите. Дополнително, преку овие промени ќе се поедностават административните процедури и ќе се намалат околу 30 чекори во постапките што се спроведуваат во Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Првиот модул е ‘Зелен пресврт низ дигитализација’. Станува збор за дигитална платформа од која може да се видат сите проекти кои ги имплементира Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖПП). Вториот модул ‘Зелен пресврт низ дигитализација – јадро’, значи внатрешно дигитализирање во МЖПП, односно на архивата и на просторно информативниот систем. Третиот модул ‘Зелен пресврт низ дигитализација – време’ е во рамки на реформската агенда на Владата, четвртиот модул ‘Зелен пресврт низ дигитализација – земја’ е дигитална платформа наменета за мапирање на дивите депонии во сите општини, додека пак петтиот модул ‘Зелен пресврт низ дигитализација – воздух’ се однесува на сите што имаат А интегрирана еколошка дозвола да ги внесуваат емисиите што ги имаат според критериумите на издадената дозвола“, рече Хоџа и најави дека секој од мдулите ќе биде промовиран посебно.



