ЗАГРИЖУВАЧКИ Е ШТО 45 ОТСТО ОД ЖЕНИТЕ РОМКИ НА ВОЗРАСТ ОД 20-24 ГОДИНИ БИЛЕ МАЖЕНИ ИЛИ ЖИВЕЕЛЕ ВО ВРСКА ПРЕД ДА СТАНАТ ПОЛНОЛЕТНИ, ВЕЛИ УНИЦЕФ

    ЗАГРИЖУВАЧКИ Е ШТО 45 ОТСТО ОД ЖЕНИТЕ РОМКИ НА ВОЗРАСТ ОД 20-24 ГОДИНИ БИЛЕ МАЖЕНИ ИЛИ ЖИВЕЕЛЕ ВО ВРСКА ПРЕД ДА СТАНАТ ПОЛНОЛЕТНИ, ВЕЛИ УНИЦЕФПотребно е да се оспорат и патријархалните ставови, односно, давањето приоритет на традиционалните родови улоги и честа на семејството за сметка на самостојноста и правата на девојчето, вели Ди Џовани. (Фото: УНИЦЕФ)

    Детските бракови се сериозна последица од вкоренетата родова нееднаквост, вели претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ди Џовани во чест на Меѓународниот ден на жената.

    „Иако оваа штетна пракса значително се намали во последната деценија, детските бракови и понатаму претставуваат проблем за девојчињата во Северна Македонија. Осум отсто од сите жени на возраст од 20-24 години во земјата се омажиле или почнале да живеат во заедница пред 18-годишна возраст. Уште позагрижувачки е што 45 отсто од жените Ромки на возраст од 20-24 години во земјата биле мажени или живееле во врска пред 18-годишна возраст, и 15 отсто жени од истата група биле мажени или живееле во врска пред 15-годишна возраст“, вели таа.

    Според Ди Џовани, детските бракови ги лишуваат девојчињата од детство и имаат штетни последици по нивното здравје и економски изгледи. Штетно влијаат врз развојот, пристапот до училиште и нивниот севкупен квалитет на живот. Кај девојчињата кои се мажат пред 18-годишна возраст веројатноста да станат жртви на семејно насилство е поголема, а веројатноста да останат на училиште е помала. Честопати тоа е тесно поврзано со раѓањето деца на рана возраст, со зголемен ризик од компликации за време на бременоста и породувањето.

    Македонија ја усвои Конвенцијата на ОН за правата на детето, како и двата факултативни протоколи, и Конвенцијата за елиминација на сите форми на насилство врз жените каде експлицитно се забранети детските бракови. Исто така, со Истанбулската конвенција за насилство врз жените и семејно насилство од државите се бара да ги криминализираат присилните и детските бракови.

    Иако законскиот праг за стапување во брак во Македонија е 18-годишна возраст, постојат исклучоци децата да стапат во брак со наполнети 16 години, но со одобрение од судот. Тоа доведува до правни празнини поврзани со детските бракови. Правото на „слободна и целосна“ согласност за брак е признаено во Универзалната декларација за човекови права, но прифатено е дека таквата согласност не може да биде „слободна и целосна“ кога страните се недоволно зрели за да донесат информирана одлука за нивниот животен партнер.

    Во завршните согледувања од 2022, Комитетот за правата на детето на ОН препорачува дека е неопходно Северна Македонија да „спроведе целни мерки за искоренување на детските бракови и за подигање на свеста за негативните ефекти од таквите штетни традиционални практики за децата, особено кај ромското население”.

    Меѓу препораките е дека конечно, потребно е да се оспорат и патријархалните ставови, односно, давањето приоритет на традиционалните родови улоги и честа на семејството за сметка на самостојноста и правата на девојчето.

    „Одлуката за детски брак обично ја носат машките членови на семејството и тие очекуваат дека девојчињата ќе ја прифатат оваа норма. Неопходни се поголеми напори за заедниците да се вклучат во унапредување на добросостојбата и исполнувањето на потенцијалот на секое девојче, продолжување на образованието и способноста на девојчето да одлучи со потполна согласност за својата иднина.
    Инвестирањето во зајакнувањето на девојчињата и жените, нивното знаење, вештини и учество, како и вклученоста со момчињата и мажите се покажа како најдобра пракса за искоренување на детските бракови на глобално ниво. На овој Меѓународен ден на жената да застанеме сите зад девојчињата и да продолжиме да работиме за да се стави крај на оваа штетна пракса“, вели Ди Џовани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира