Сериозно загрижувачки се најавите на новата македонска влада за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители , се вели во годишниот Извештај за владеење на правото во ЕУ за 2024 година, подготвен од Европската комисија (ЕК), а во кој годинава првпат се вклучени и државите опфатени со процесот на проширување – Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
„Најавите од новата влада за нејзината намера да ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители покренуваат сериозни грижи, бидејќи тоа ќе ја поткопа независноста на правосудниот систем“, се вели во извештајот на Европската комисија.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати кажа дека новата влада има намера да ги распушти овие две тела и во иднина членовите на Судски совет и во Советот на јавни обвинители да ги бираат самите судии и обвинители.
Според ЕК, нивото на утврдена независност на судството е многу ниско и загриженоста останува и во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет, иако се преземени чекори во овој поглед.
„Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми“, се наведува во Извештајот.
ЕК понатаму во извештајот вели дека високиот ризик за корупција останува превалентен во многу области, посебно кај јавните набавки и вработувањата во јавниот сектор. Севкупно, антикорупциските мерки продолжуваат да имаат огранбичено влијание во ранливите сектори. Недостасува системски пристап во справувањето со корупција.