ЗАГРОЗЕНА БЕШЕ СИГУРНОСТА НА ИЗВОРИТЕ НА ИНФОРМАЦИИТЕ, КОИ СЕ ЗАШТИТЕНИ СО УСТАВОТ, СВЕДОЧЕШЕ НОВИНАРОТ ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ ЗА НЕЗАКОНСКОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    ЗАГРОЗЕНА БЕШЕ СИГУРНОСТА НА ИЗВОРИТЕ НА ИНФОРМАЦИИТЕ, КОИ СЕ ЗАШТИТЕНИ СО УСТАВОТ, СВЕДОЧЕШЕ НОВИНАРОТ ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ ЗА НЕЗАКОНСКОТО ПРИСЛУШУВАЊЕНовинари и функционери на денешното судење за масовното незаконско прислушување во случајот „Тврдина-Таргет“. (Фото: К. Попов)

    Горан Михајловски, главен уредник и основач на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, кој бил со години незаконски следен како главен и одговорен уредник на „Вест” од 2008 до 2015 година, денеска сведочеше на судењето за „Тврдина-Таргет“.

    На прашање дали има сознанија дека мобилниот му се прислушува, тој одговори:

    „Првпат ми се појави сомнеж на изборите 2013 година. Се случуваше за работи кои ги дискутирав со колеги или извори по телефон, другиот ден да ми се јават од менаџментот со совет да ја спуштам топката, да не објавуваме за тоа што всушност го зборував по телефон, а сè уште не беше објавено”, рече тој.

    На прашање на обвинителката Ленче Ристоска, тој кажа дека прислушувањето предизвикало чувство на несигурност и небезбедност, пред сè на изворите на информацијата, а кои ни се заштитени со Уставот, но и кај него и неговото семејство. Поради тоа предјави оштетно побарување по однос на претрпена нематеријална штета.

    Истиот телефонски број Михајловски го има и денес.

    „Не знам колку е важно за оваа постапка, но и ден денес имаме проблеми со барањето правда за незаконското прислушување, бидејќи Телеком одбива да даде податоци, потврда, дека јас сум го користел тој број како службен, во времето додека бев главен и одговорен уредник”, додаде Михајловски.

    Денеска сведочеше и новинарот Сашо Ордановски, кој рече дека кога му биле дадени транскриптите од прислушувањето, му било кажано дека бил еден од петмината најприслушувани во државата, а бил и цел на физичко следење.

    „Не само што се чувствувам оштетен, туку имам и реална материјална штета. Ноќта меѓу 3 и 4 мај 2015 година беше дигнато во воздух мое возило во Бардовци. Потоа ја напуштив државата, бидејќи бев предупреден дека се спремаат и други работи против мене. Конечно низа други штети, бидејќи јас бев цел на пропагандата на тогашниот режим“, сведочеше Ордановски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира